Индонезија донесе досега невиден закон: Забранува секс надвор од бракот, казните се драконски

фото:EPA

Активистите за заштита на човековите права гласно се спротивставија на новите закони, за кои сметаат дека ќе ја загрозат слободата на народот, но и дополнително ќе ја деградираат положбата на жената во земјата со 270 милиони жители, јавува Би-би-си.

Парламентот на Индонезија во вторникот усвои нов кривичен закон со кој се криминализира сексот надвор од бракот.

Претставничкиот дом го одобри законот со акламација на пленарна седница, и покрај критиките дека ќе ги загрози граѓанските слободи во земјата со најголемо муслиманско население во светот.

Законот ќе стапи на сила во 2025 година, три години по неговото донесување.

„Ова го чекавме 59 години“, рече Едвард Омар Шариф, заменик министер за правда и човекови права, додавајќи дека стариот кривичен законик останал од холандската колонијална власт.

Во понеделникот, стотици Индонезијци се собраа во неколку градови, барајќи од парламентот да го отфрли нацрт-законот.

По неговото усвојување се очекуваат повеќе протести.

„Индонезија предлага да тргне по патот на катастрофална злоупотреба на правата со криминализирање на сексот надвор од бракот“, напиша на Твитер претходно оваа недела Фил Робертсон, заменик-директор на Хјуман рајтс воч.

Законот предвидува сексуалните односи надвор од бракот да се казнуваат со затворска казна од една година, а паровите кои живеат заедно надвор од брак може да добијат шест месеци затвор.

Но, за да може полицијата да покрене кривична истрага за такви дела, извештајот треба да го поднесе член на семејството, одредба што се смета за компромис за да се смират и конзервативците и либералите.

Овие закони ќе важат за странски државјани и туристи, а ќе важат и за заедничко живеење на невенчани партнери, како и за навреда на претседателот или искажување ставови кои не се во согласност со националната идеологија.

Индонезија, најголемата земја во светот чие население е претежно муслиманско, забележа раст на конзервативизмот и строгите правила што треба да ги следат и локалното население и туристите во последните години. Во најекстремните случаи, како што е полуавтономниот регион Ачех, прекршителите се јавно камшикувани за прељуба.

Сексот надвор од бракот, вклучително и хомосексуалноста, во моментов не е кривично дело, но се смета за табу тема во конзервативна Индонезија.

Тоа е забрането само во провинцијата Ачех, во која владее шеријатот, а прекршителите може да добијат до 100 удари со бастун.

Предлог-законот предвидува и казна до три години затвор за секој што ќе го „нападне достоинството“ на претседателот или потпретседателот.

Оние кои ја навредуваат власта може да се соочат со затворска казна до 18 месеци или три години доколку делото предизвика социјални немири.

Во меѓувреме, ширењето лажни вести се казнува со затворска казна до шест години.

Меѓутоа активистите предупредуваат дека овој закон ќе ги загрози човековите права.


извор:n1