Интерес или вистинско другарство: Приказната за Лила и за Боки 13

Добивај вести на Viber

Познатата ТВ-водителка и инфлуенсерка Лила Филиповска утрово пристигна во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, откако беше повикана на распит за случајот „Рекет“. Лила беше во автомобилот заедно со првоосомничениот Бојан Јовановски, кога беше уапсен на граничниот премин „Богородица“.

Другарството на Лила и Боки датира уште од времето кога поранешниот шоумен се пробиваше во естрадниот свет со манифестацијата „13-ка за најуспешните“. Таа беше една од ретките јавни личности која му даде безрезервна поддршка на Јовановски и во документарниот филм што тој самиот си го нарача.

- Тој е еден карактер којшто веројатно го имаат само родените лидери и луѓе кои се створени за големи дела. Боки е дефинитивно еден од нив - раскажа Филиповска во документарецот во кој Јовановски е претставен како „гласноговорник во борбата за човекови права,голем противник на дискриминацијата во секој поглед, храбар критикувач на политичко-општествените случувања и скромен хуманист“.

Нивни заеднички пријатели кои не сакаа јавно да зборуваат, велат дека тие имале искрен однос и неверојатно блиска комуникација, особено по периодот кога одлучиле да му дадат втора шанса на пријатлелството, откако со години не зборувале поради еден конфликт за кој пред четири години пишуваа и медиумите.

Неразделни стануваат во времето кога Јовановски се промовира во прв човек на Меѓународната асоцијација за човекова и социјална заштита. Оттогаш и пошироката јавност има можност да сведочи за нивниот близок однос. Луксузни патувања, концерти, скапи брендови е тоа што ги поврзува. Речиси секогаш во нивно друштво е и стилистот Сергеј Варошлија.