Како е киднапирана и убиена 15-годишната Тијана Јуриќ, поради која Србија го смени Кривичниот законик
Како е убиена Тијана Јуриќ, поради која Србија го смени Кривичниот законик
Србија во 2019-та година го промени кривичното законодавство и го донесе „Законот на Тијана“, односно воведе казна доживотен затвор за најтешките кривични дела, меѓу кои тешко убиство, силување и злоставување на деца, трудници и изнемоштени лица.
Пет години по смртта на девојчето Тијана Јуриќ, кое во кобната ноќ беше убиено од Драган Ѓуриќ, 34-годишен месар од белградската населба Сурчин, Србија одлучи да ги држи таквите сторители зад решетки до крајот на нивниот живот.
Таа кобна сабота, Тијана (15) се вратила од црногорското приморје каде била на училишен излет. Отишла во селото Бајмок и вечерта излегла таму со другарките. Како и претходните години, летниот одмор го поминувала со баба и дедо на село. Тоа лето се запиша во средно музичко училиште, сакајќи да научи етничко пеење и да го подобри свирењето виолончело. Животот сè уште беше пред неа.
Таа се упати кон дома и се врати поради позајмена маица
Таа со другарките отишла на турнир во мал фудбал, кој се одржува во селото Рата и останала со нив цела вечер. Околу полноќ, таа се упатила дома со пријателка и пријател, но на половина пат одлучила дека мора да се врати за да ја врати маицата што ѝ ја позајмил нејзин пријател. Еден пријател ѝ понудил тој да ја врати маицата, но таа го одбила.
Тие се разделиле на околу 200 метри од куќата на нејзината баба и дедо. Подоцна, преку лична истрага, таткото на Тијана можел да реконструира каде отишла и што се случило. На пат кон спортскиот центар „Рата“, Тијана околу половина час по полноќ сретнала уште неколку пријатели кои ја прашале каде оди, а таа одговорила дека ќе ја врати позајмената маичка. Ја преминала железничката пруга и продолжила по патот кон спортското игралиште каде ја чекал нејзиниот пријател, сопственикот на маицата.
Кога нејзиниот пријател видел дека Тијана не доаѓа, тргнал накај неа. Но, несреќната девојка во тој момент веќе била киднапирана. Нашол само нејзината патика, т.н. старка. Врз основа на неговата истрага, Игор Јуриќ заклучил дека од моментот кога последен пат била видена до моментот кога ѝ била пронајдена патиката, не поминале повеќе од седум минути. Се претпоставува дека насилно била втурната во автомобилот, и дека ѝ испаднала патиката додека е киднапирана.
Таа вечер пријателите на Тијана почнале да ѝ се јавуваат на мобилен телефон и да праќаат пораки на „Фејсбук“, но таа не одговарала, а по два часа ѝ се исклучил мобилниот. Истата вечер децата и другите жители на Бајмок почнаа да ја бараат во селото и околните села и ниви. Набрзо се вклучила полицијата, а потоа и жандармеријата со полициски хеликоптер и кучиња трагачи.
Таткото на Тијана, кој веднаш се вратил од Белгија, каде што работел како фудбалски тренер, подоцна изјавил дека со навремена интервенција преку мобилниот сигнал дознал како всушност полицијата можела да ја пронајде неговата ќерка, ако веднаш по исчезнувањето го лоцирала.
Полицијата ги испрашуваше сите за кои се сомневаше дека може да се вмешани во нејзиното исчезнување, но немаше никакви траги. А потоа во понеделникот, нејзиниот мобилен сигнал бил лоциран на околу два километри од границата со Унгарија. Во потрагата е вклучена унгарската полиција, дури и Европол и Интерпол. Се појавија различни теории: дека Тијана била киднапирана од трговци со луѓе, лихвари на кои наводно татко ѝ им должел пари, дури и мигранти или некоја верска секта.
А потоа на 7-ми август, на тринаесеттиот ден од потрагата, беше објавено дека е уапсен убиецот Драган Ѓуриќ, 34-годишен месар од белградската населба Сурчин. Српскиот министер за полиција Небојша Стефановиќ на конференцијата тој ден потврди дека Ѓуриќ бил уапсен ден претходно во неговата месарница. Според министерот, тој „целосно смирено го сечел месото и се однесувал како ништо да не се случило“, со „целосно отсуство на какво било каење, целосно отсуство на какво било човечко однесување“.
Убиецот го признал делото, но лажел за околностите
Ѓуриќ, кој е висок два метри и тежок преку 100 килограми, првично негираше дека ја киднапирал и убил Тијана Јуриќ, но кога паднал на полиграфскиот тест, се скршил и го признал своето страшно злосторство.
Според неговата приказна, тој возел пијан и со автомобилот ја удрил девојката, а кога таа почнала да плаче и да бара помош, тој ја удрил неколку пати во главата и ја фрлил во автомобилот. Потоа ја однел на теренот, каде што, очигледно, ја соблекол, се обидел да ја силува, а потоа ја задавил со нејзината маица - истата таа што сакала да му ја врати на пријателот. После тоа, вели, го вратил телото во автомобилот и го возел на десет километри од Сомбор, каде го закопал во дива депонија, на 23 километри од местото каде што ја киднапирал. Во багажникот на автомобилот била пронајдена и лопатата со која ја закопал. Но, пред тоа наводно застанал во локална таверна и продолжил да пие.
Меѓутоа, полициската истрага утврдила дека Јуриќ прво не ја удрил својата жртва со автомобилот. Ѓуриќ, исто така, негираше дека ја силувал Тијана, за подоцна да признае дека сексуално ја злоставувал. Обвинителството, пак, утврди дека тој се обидел да ја силува, а потоа ја убил за да го прикрие обидот за силување, како што тогаш пишуваше „Блиц“.
Тој на крајот беше осуден на 55 години затвор, 40 за тешко убиство и 12 години за обид за силување, што се обедини во максимална казна од 40 години. Доколку тогаш важеше законот донесен денеска, тој ќе беше осуден на остатокот од животот зад решетки.
Таткото на Тијана: Дури и го сожалив
- Најголемата грешка на Тијана беше што беше на погрешно место во погрешно време. Никогаш пред таа вечер не ја запознал Тијана, ниту ја познавал. Едноставно, тој ноќта бараше жртва, а за жал тоа беше нашата Тијана - рече таткото на Тијана во интервју за „Вечерњи лист“ , кога ги раскажуваше 13-те болни денови во кои ја бараше својата исчезната ќерка.
- Го гледав за време на судењето. На крајот, колку и да звучи чудно, го сожалив кога видов колку безвредно суштество е и дека е срамота да се потроши дури и куршум на таков човек. Ова е личност која не вреди ништо – заклучи Игор Јуриќ.
Ѓуриќ сега ја отслужува казната во најчуваниот српски затвор во Падинска Скела, каде според српските медиуми еднаш на неколку месеци го посетува само неговата мајка.
Во 2016-та година, Јуриќ ја основа Фондацијата „Тијана Јуриќ“, која се занимава со превенција од насилство врз децата во Србија, во чии рамки се одржаа предавања во повеќе од 400 училишта. Токму оваа Фондација ја покрена иницијативата за измена на Кривичниот законик, каде преку петиција собра 160.000 граѓански потписи и ги достави до Министерството за правда на Србија.
Токму Игор се огласи по веста за смртта на нашата Вања Ѓорчевска и напиша:
„Ова не требаше да се случи. Кога станува збор за криминални киднапирања, очекуваниот животен век на детето е во просек 4 часа по киднапирањето. Затоа е важна брзата потрага. Нека размислат добро земјите од регионот за подобрување на потрагата систем за исчезнати деца. Сочувство до семејството“
Извор: srpskacafe.com