Ќе ја кренам главата горе и ќе испијам чаша за тебе, кога нема да се чувствувам како морон од „Идиократија“

Добивај вести на Viber

Дали да се биде уметник е благослов или проклетство? Тешка професија налик на рударската. Копаш по својата душа и никогаш не знаеш на која руда ќе наидеш. Според тоа што ќе го изнесеш во јавноста, се чувствува колку си копал длабоко во себе и колку руда има во тебе. Кој има уметнички талент тој нема друг избор, туку да работи на себе и да создава, без разлика какви се околностите.

Во ДНК на Панчо и Андреј била запишана музиката како дел од уметноста. Копаа по нивната душа повеќе од две децении и наидоа на големи количини руда кои ја составија во песни, хитови кои ќе му пркосат на времето. Одржаа безброј концерти пред преполна публика. Тоа беше  благослов на музичката уметност, на нивната професија.

Музиката е тешка професија, но не мора да заврши трагично. Со овие зборови Пере од „Нокаут“ се прости од своите драги колеги.

За жал, нивниот последен концерт во Кочани заврши најболно и најтрагично. Местото каде што секогаш беа пречекани и испратени со овации, стана нивна гробница. Го нема веќе Андреј, едната половина на дуото. Ги изгубивме музичарот Филип Стевановски , гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков, бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо и Александар Ефремов, фотограф на бендот.

Но, ги нема повеќе ни младите луѓе чии срца таа вечер чукаа во ритамот на песните од бендот. Нивните желби, соништа, се сплотија со чадот кој се изгуби во далечините.

Какво проклество на професијата!

Ми ја изгореа душата прво како ЧОВЕК .

За кого можеме во оваа наша како проколната за трагедии Македонија, да кажеме дека е човек? Живееме во време кога се е во парите и вистинските вредности се изгубени. Во морето на нелуѓе тешко е да се пронајде човек. Некогаш љубовта, почитта и добрината беа на цена, барем така ни велеа родителите. А денеска поради стекнување на пари и моќ на цена се понижувањето и лошотилокот. Мито и корупција.

Поимот вистинаска среќа се поистоветува со успешен и богат. Да имаш паричник со многу пари кои ќе ти овозможат да поткупиш пријатели на битни позиции. Не е важно што имаш празно срце. Макијавиели ти е духовен водач, а живееш според неговото правило  и „Целта ги оправдува средствата“ . Што ни се случи? Зошто, одејќи низ патот се изгубивме?

Се фалиме со положените испити, дипломите, магистерските, докторатите. Штета, што не постои испит за човечност. Можеби нешто ќе поднаучевме.

Ми ја изгореа душата и како МАЈКА. И како МАЈКА НА МУЗИЧАР. Што да му кажам на син ми кога утре ќе оди на свирка како клавијатурист на некој бенд? Сине, свирeте и пејте со срце и сo душа, нека се забавуваат младите. НЕ! Сине, прво пратете архитект и градежен инженер да го видат локалот, да направат проценка од кои материјали е направен и колку луѓе собира. Побарајте документи дали има лиценца за ваква дејност и кога му е обновена.  Земете неколку другари да ја контролираат бројката на посетители, за да не се надмине границата. Откако ќе се уверите дека локалот ги исполнува условите, тогаш можете да му дозволите на газдата да  користи пиротетехника во текот на настапот. Некои сакаат да ве исплатат со договор. Но, може и да наидете на „батка“ со врски, кој не работи со договори. Некој му го дал тоа право. 

Ми ја изгореа душата и како НОВИНАРКА. Три и пол децении сум дел од музичката сцена. Промоции, интервјуа, разговори off record, размена на совети и приватни проблеми. Повици и наутро и навечер. Ние разговараме за музика, за уметност,  затоа сме толку блиски и поврзани. И да. Најбитно. Мито и корупција се цеде или бесплатна карта на нивните концерти. Ако е тоа грев, прости ни Боже?

Иако живееме во време на нечовечност, девизата на ДНК беше „Богатството на душата е многу поголемо од материјалното“. Тие не заборавија што значи да се биде хуман. Таков е Панчо. Таков беше и Андреј. Така и замина, обидувајќи се да спаси туѓи животи, без да помисли на својот. „Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели.“ Јован 15:13

Преку песна ни порача „ако утре ме нема, немој да ме жалите“.

Те жалиме Андреј со пискотници што се слушаат од Дебарско до Кочани. Исто како и останатите откорнати фиданки кои ги нема.

Ќе се молиме за Панчо и за сите млади пупки да не овенат во болничките соби. Да расцветаат и да ни ја разубават повторно земјата.

Ќе се молиме за сите кои ги изгубија најмилите. Бог да им даде сила да се носат со најголемата болка и загуба.

Оптимист сум и верувам дека од првобитниот шок во кој живееме ќе се освестиме и ќе ги развиеме менталните техники кои ќе ни овозможат да не станеме поглупави и да не се претвориме во морони, како ликовите од  филмпт „Идиократија“.

Верувам дека ќе дојде тоа време. Ќе те нема, ама тогаш „ќе ја кренам главата горе и ќе испијам чаша за тебе. Да наздравам за човечноста, за правдата, и за надежта за подобар живот за твоето прекрасно девојче и за сите деца. 

Соња Алексоска Неделковска