Кои се жената и мачката од популарното меме?

Некои нешта стануваат екстрапопуларни на интернет и без некоја голема причина. Таков случај е со мемето на кое една русокоса хистерично и’ вреска на намрштена мачка. Ова меме  последниве месеци едноставно не се симнува од социјалните мрежи.

Иако е старо речиси 8 години се чини дека дури сега го доживеа зенитот на популарноста благодарение на Твитер заедницата која го употребува во различни приказни. Мемето си има своја верзија за секоја географска ширина и  секоја ситуација.

Поради овa многумина се прашуваат која е жената што вреска и зловолната мачка?

Станува збор за американската актерка Тејлор Армстронг од  серијата „Вистинските домаќинки од Беверли Хилс“. Фотографијата е од втората сезона на серијата од 2011 г. и сцената во која се случува жестока кавга меѓу два лика од серијата.

Името на мачката со став е – Смаџ, попозната како „мачката од масата“. Смаџ своите први следбеници ги стекнал на мрежата „Тамблер“ кога неговиот сопственик постирал фотографија со коментар „не бендисува зеленчук“. Увидувајќи го медиумскиот потенцијал на Смаџ, неговиот сопственик му отвара Инстаграм страна @smudge_lord која денеска има милион следбеници.