Колачите се традиција во нашиот дом: „Женски магазин“ новогодишно во претседателската резиденција

Претседателот Стево Пендаровски (56) и првата дама Елизабета Ѓоргиевска (47), вечерва, прв пат како претседателска двојка Новата година ќе ја дочекаат во кругот на најблиското семејство. Синот Огнен (17) ќе слави со своите другари од гимназија.

На ексклузивната новогодишна фотосесија за „Женски магазин“, викендов, во претседателската резиденција на Водно, не' пречека мирис од тазе испечени божикни колачи со цимет, ѓумбир, каранфилче, морско оревче и бибер што лично ги подготви за нас првата дама Елизабета.

- Овие колачи се традиција во нашиот дом. Вкусни се и прекрасни за око зашто се новогодишно декорирани. Ги испеков рано сабајле - низ смеа објаснува првата дама.

Кога ќе влезете во кругот на претседателската резиденција, ве пречекува необична тишина, чист воздух и прекрасна глетка во недоглед. Влезната врата од резиденцијата е дискретно накитена, а и новиот дом на новата претседателска двојка дише со отменост и убавина во деталите.

Новогодишната атмосфера се чувствува во секое ќоше од преуреденото интимно царство на семејството Пендаровски. Дискретни новогодишни декорации во дневната соба, камин кој чека постудени денови за да раскажува романтични моменти, клавир кој чека гости да отсвират неколку ноти, новогодишни колачиња и бонбони послужени на масата, и кафе или пијалок, за гостите од „Женски магазин“.

По што ќе ја паметат 2019 година, што ќе си посакаат на своите најблиски и на граѓаните на Македонија во новата 2020, за празничните традиции во нивниот дом, претседателот Пендаровски и првата дама открија во интервјуто за „Женски магазин“.  

* Дали во вашиот дом повеќе се празнува Нова година, Бадник или се заедно?

- Овој период е најубавиот во годината, па празнувањето започнува уште во втората половина од декември, со украсувањето на домот и купување на подароци за најблиските. Но, целиот овој период за нас, а верувам и за останатите граѓани е една целина, со многу настани, концерти, дружби, муабети, и никогаш не можете да го одделите на посебни денови или празници.

* Како досега ја славевте Новата година?

- Години наназад имавме обичај да одиме на ручек ние тројцата на последниот ден од годината, а самиот дочек во домашна атмосфера. Во последните години се случуваше јас и Стево да одиме кај моите родители дома, додека Огнен ја поминуваше новогодишната ноќ со другарчињата во нашиот стан.

* Која Нова година досега ќе ја паметите?

- Верувам дека за секого првиот дочек на Нова година со нов член на семејството е исклучителен, така и на за нас Новата 2003 затоа што за прв пат тогаш утрото на 1 јануари го дочекавме со нашиот син, кој од тогаш целосно ги смени нашите животи.

* Каде и со кого ќе ја пречекате првата ваша Нова година како претседател и прва дама?

- Без разлика на новата ситуација, не планираме да правиме некои значајни промени во нашите навики, па и годинава планираме да ја дочекаме Новата година во кругот на најблиското семејство, а Огнен со своите другари од гимназија. За Божик планираме сите тројцата да појдеме неколку дена до Охрид и таму да го поминеме едниот од најголемите христијански празници.

Што за вас се симбол новогодишните и божикните празници?

- Овој период освен период на празнување е и време кога ги сумираме и добрите и помалку добрите случувања од минатата година. Истовремено, е и време кога повеќе се дружиме и им се посветуваме на најблиските со кои во текот на годината, заради обврските не се гледаме толку често колку што би сакале.   

Дали имате протоколарни обврски поврзани за Новата година или токму на 31 декември?

- Во втората половина на декември имав повеќе активности, со новогодишни приказни како китењето на елката во Млади Хаб - Канцеларија на претседателот заедно со членовите на Трисомија 21 и нивните семејства. Со децата од СОС детско село декориравме во резиденцијата, а пак во Кабинетот на претседателот ја красевме елката заедно со децата и внуците на вработените во администрацијата на Кабинетот и им поделивме новогодишни пакетчиња. Заедно со здружението „Лулка“ организиравме работилница и хуманитарна изложба за предвремено родени деца. Како покровители на „Ени Јуниор“ ја имав можноста да им доделам пакетчиња на деца со социјален ризик, но и на децата кои учествуваа во него, а на 31 декември ќе им поделам пакетчиња на дваесетина деца од театарската група на „Проект среќа“.

* Дали верувате во Дедо мраз?

- Мислам она што во сите веруваат и би сакале да постои e идејата за Дедо Мраз, поточно нешто што потсеќа на љубов, дарови, среќни денови.. Дедо Мраз е персонификација на најубавите желби и асоцијација за најсреќните моменти во животот на многумина. Би сакала сите деца да имаат можност да го очекуваат неговото доаѓање, без да им биде скратено исполнувањето на желбите поради тешки животни околности.

* Како ја накитивте претседателската резиденција? Сами или...? Дали негувате празничен амбиент?

- Бевме почестени со дружбата со децата од СОС детско село во резиденцијата, каде што ја накитивме елката, нѐ дружеше и младиот магионичар Кристијан и имаше навистина убава атмосфера. Уживам во декорирањето, ги сакам ситните детали кои даваат личен печат на просторот, па како и секоја година, така и оваа, го украсив нашиот привремен дом за да доловиме целосно празничната атмосфера.

* Која боја ви е симбол за Новата година?

- На Божик најмногу ме асоцираат црвената, зелената и златната боја. Секоја од нив со својата симболика (црвената-крвта на Исус, зелената-боја на долговечноста, претставена преку зимзелените дрвја и златната- бојата на Сонцето и светлината) асоцира на убавиот период околу празниците и секоја година се обидувам украсувањето на домот да е поврзан со некоја од овие бои.

* Дали ја негувате традицијата на подарување ?

- Според мене, дарувањето е најубавиот дел од традицијата за Божиќ. Сакам да дарувам подароци на најблиските, и ги подготвувам со особено внимание. Тоа се најчесто ситници, но за кои знам дека ќе му се допаднат на оној на кого ги подарувам. Со посебно задоволство се сеќавам дека долги години наназад ни беше традиција со Огнен пред новогодишните празници да одиме низ книжарниците низ градот, бидејќи нему најубав подарок му беа и она што особено ме радува, сѐ уште му се, книгите.

* Дали се подготвува новогодишна трпеза?

- Новогодишната трпеза честопати ја спремам во договор со мајка ми, најчесто ги делиме обврските. Подготвуваме традиционални јадења, како руска салата, кифлички или погача, печено месо, и за десерт баклави или Васина торта. Јас сакам и да внесам и нешто поразлично, па подготвувам колачиња со ѓумбир и печена мисирка.

* По што ќе ја паметите 2019, што сакате да заборавите, а што ќе си посакате во Новата 2020?

- Оваа година, очекувано, ќе ја паметиме најмногу по политичкиот ангажман на мојот сопруг, кој многу нѐ измести од вообичаената дневна рутина која ја имавме претходно и како поединци и како семејство. Во 2020 ќе си посакаме помалку стрес за сите нас во семејството, бидејќи го имавме во доволни количини во 2019.

* Што ќе им посакате на граѓаните на Македонија?

- Традицоналните желби за Новата година никогаш не се менуваат. Затоа на нашите сограѓани ќе им посакаме добро здравје, повисок животен стандард, помалку стресно секојдневие, да ги реализираат своите планови и да успеат во она што им претставува личен предизвик.

* Колку функциите претседател и прва дама ви го смени начинот на живот, но и животот на вашиот син?

- Заради протоколите, за жал, се губи дел од приватноста, меѓу другото, и заради тоа го сменивме местото и начинот на живеење. Но, сепак, продолжуваме да се дружиме со истите пријатели, како и претходно, и тука се разбира нема да менуваме ништо, независно дали мојот сопруг е на функција или не.

* Вие, како прва дама продолживте со вашата кариера како проф. д-р на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и професорка на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје, но сте и општествено ангажирани. Колку е значајно за една прва дама да биде посветена и на други обврски, а не само на протоколарните, но и да не ја запостави улогата на сопруга,  мајка и пријателка?

- Она што било и ќе остане дел од моето секојдневие се секако моите пациенти и студенти. Но, сакам да се посветам и придонесам во рамките на моите можности и во општеството. Мојата намера е да се стават во фокус одредени проблеми за кои не се обрнало доволно внимание досега, независно дали станува збор за одредени здравствени состојби (како на пр. состојбата со женското кардиоваскуларно здравје) или пак за одредени права на жените, децата, ранливи групи... Сепак, многупати сум потенцирала, мојата улога на мајка и сопруга ми е приоритет и секогаш наоѓам време за моите најблиски, секојдневно разговараме за случувањата во текот на денот и се обидуваме да ги решиме проблемите ако се појават. Со пријателите, можеби поретко се гледаме од претходно, но тоа не значи дека сме се заборавиле. Напротив, секое повторно гледање ни претставува особено задоволство. 

* Елизабета, каков сопруг и татко е Стево?

- За него јавно проговорев за првпат уште пред 5 години, бидејќи јавната перцепција на строгото лице од телевизиите е дијаметрално спротивно од она што тој е во животот. Денес, верувам дека луѓето повеќе го запознаа, па знаат дека тој е срдечен, духовит и се шегува често и на своја сметка. Но, она што е најважно е што ја имам неговата поддршка сиве овие години, особено е важно да знаете дека имате на кого да се потпрете и во најтешките моменти.

* Дали имате време да се посветите на себе си? Како изгледа еден слободен ден или викенд во вашето семејство?

-За жал, слободните денови се само во викендите, но, не се жалиме, затоа што, уште пред  мојот сопруг да се кандидира знаевме дека изборот на функцијата претседател на државата носи со себе многу обврски и дека нема стриктно работно време. 

Во слободното време, освен семејните ручеци во некој од скопските ресторани во центарот на градот ги поминуваме различно – јас и Стево во читање книги и гледање филмови, а Огнен најчесто на интернет и играње на видео игри со другарите.  

* Дали имате време за вашите пријатели и поширокото семејство?

-Соседството го променивме, но, не и кругот на пријатели со кои се дружиме со години, и тоа, веќе реков дека нема да се менува и по завршувањето на мандатот затоа што тоа се пријателства кои се базираат на взаемна почит и го издржале тестот на времето. Се разбира, во кругот на луѓето со кои се дружиме многу често се и членовите на нашите пошироки семејства, бидејќи и Стево и јас ја почитуваме семејната традиција и вредностите на кои нѐ научиле нашите најблиски. 

* Дали вие Елизабета, како прва дама го придружувате вашиот сопруг на официјалните патувања?

- Да, таму каде што протоколот налага партнерите да патуваат со шефовите на држави патувам и јас со сопругот. На пример, доколку се работи за официјална посета каде има посебна програма и за партнерот или доколку се работи за меѓународен настан каде се очекува и моето присуство. Досега го придружував сопругот при официјалните посети на Словенија и Австрија, а има и најави за посети во текот на 2020 година каде што се очекува и мое присуство.

* Дали како прва дама сте вклучени во протоколот на претседателот, или за тоа се грижи посебен персонал?

- Протоколот на претседателот го водат службеници кои се вработени во администрацијата на Кабинетот на претседателот. Во однос на мојата агенда иако често знам и сама да одговарам на настани и да се подготвувам, секогаш можам да сметам на поддршка на вработените од Кабинетот на претседателот. Моите јавни настапи се во поддршка на пошироките програмски цели на претседателот, во таа насока и мојата агенда се изработува во координација со службите на Кабинетот на претседателот.

* Колку дрес-кодот е битен во претседателската резиденција и на официјалните настани и патувања?

- Дрес-кодот е составен дел на обврските и активностите и во официјалните настани се третира како дел од подготовките на официјалните лица. Како сопруга на претседателот за официјални настани, како на пример посети во странство, или настани во земјата каде се побарува посебен дрес код ги почитувам протоколарните правила кои се наведени.

* Кој се грижи за вашиот изглед?

- Морам да кажам дека многу е тешко да се прават измени во стилот на моја возраст. Затоа за изгледот се грижам најчесто јас самата, немам специјални советници или дизајнери. Честопати зборуваме со пријателките околу изборот на облека, а дискутирам и со некои од нашите дизајнери. Но, крајниот избор е мој лично, затоа што тоа што го носам треба да одговара на мојата личност, да е едноставно, сведено, минималистички.

* Како претседател и прва дама, постојано сте под лупа на јавноста. Како реагирате на позитивните или негативните написи и коментари?

- Позитивните и негативните коментари се секако составен дел од позицијата кој моментално ја има мојот сопруг. Логично е дека граѓаните ќе имаат и позитивни и негативни реакции на  она што тој го работи, а денес во времето на социјалните мрежи реакциите се многу почести. Но, едноставно, човек мора да се навикне на тоа дека секој збор или чекор е под лупата на јавноста, и тоа да претставува дополнителен поттик да ја извршува работата што е можно подобро. Нормално дека сите граѓани имаат право на  свој став за тоа, и тоа е за почит. Затоа мојот сопруг во рамки на  проектот „Лице в лице со претседателот“ многу често посетува различни делови на земјата со цел да го слушне мислењето на граѓаните за нивните проблеми и сѐ она што е од нивен интерес.

Лејла Сабит

Фото: Вангел Тануровски