Лица со Даунов синдром изработија еколошки крпи со пчелин восок
Крпите се наменети за подолготрајно одржување на намирниците во свежа состојба. Со ова сакаме да иницираме замена на алуминиумските и пластичните фолии кои се изработени од тешкоразградливи материјали – велат од здружението „Трисомија 21“
Памучни крпи натопени со природен пчелин восок како и торбички сошиени од памучен материјал изработија вредните раце на децата и младите со Даунов синдром од Скопје. Идејата за овие изработки била да се добие еколошки и квалитетен материјал за прекривање и чување на прехрамбени производи,како и да се избегне употребата на пластичните кеси.
-Познато е дека пчелиниот восок има антибактериски својства. Пчелите со запечатување на саќето со тенок слој на восок го штитат медот и поленот во него. Овие крпи се наменети за домашна употреба, за подолготрајно одржување на намирниците во свежа состојба. Со ова сакаме да иницираме замена на алуминиумските и пластичните фолии кои се изрботени од тешкоразградливи материјали – велат од здружението „Трисомија 21“.
Торбичките може да се користат за носење на купените намирници од маркетите, а со цел градење навики кај населението за замена на најлон кесите кои масовно се употребуваат.
Восочните крпи и торбичките биле изработени во текот на изминатите два месеца на неколку работилници кои се дел од проект поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.
-При изработките, дечките беа главни со пеглите, беа задолжени за ладењето на восокот како и за средување на ивиците на крпите со специјални ножици. Се опробаа и на машината за шиење. На овој начин ние покажеме дека и лицата со Даунов синдром може успешно да учествуваат во активности за иницирање на поголема употреба на природни материјали, а со тоа да ја заштитат на природата – велат од Здружението.
Крпите и торбичките вчера попладне беа поделени на минувачите во трговскиот центар „Капитол мол“ по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Мимоза Петревска Георгиева