Љубовната приказна на Марија од Струмица и Никола од Краљево: Бевме на крстарење среде Индискиот океан кога ме побара за жена

Некои љубовни приказни се како пишани за филмско платно, токму таква љубов се родила и помеѓу Марија и Никола кои од запознавањето до ден денес се неразделни.

Таа е од Струмица, тој од Краљево, Србија, а ги споила љубовта. Марија по професија е лекар и работи во приватна ординација во родниот град, додека Никола е професионален спортист, фудбалер кој пред четири години играл за фудбалскиот клуб „Академија Пандев“ и токму во сончевата Струмица се запознале.

Денес двајцата се родители на 6 месечниот Лука, а оваа е нивната љубовна приказна:

- Со Никола прв пат се запознавме на излегување во кафуле во Струмица, тој прв ми пријде и започнавме муабет како да се познаваме веќе неколку години.  Потоа продолжи комуникацијата на телефон, бидејки следниот ден тој си замина на зимска пауза во Србија каде што беше 20 дена. А инаку тој тогашживееше во Струмица, играше за фудбалскиот клуб Академија Пандев. 

Првиот бакнеж се случи после 1 месец, кога се врати од Србија и од тогаш започна се‘, вели Марија која истакнува дека од пред 6 месеци ужива во најважната и најубавата улога во животот - мајка.

Како струмичанка која го практикува струмичкиот дијалект, кој не е лесен за разбирање особено со лица кои не живеат во Струмица, таа вели дека исклучиво на струмички разговара со веќе нејзиниот сопругот Никола, а тој бидејќи 2 години живеел таму разбирал се‘, па дури и се трудел да го практикува дијалектот.

Неодамна парот се заколна на вечна љубов пред Бога, а пред една година Никола на омилената дестинација Малдивите, Марија ја побарал за жена. 

- Минатата година Никола играше и живееше на Малдиви, а последните неколку месеци пред крајот на сезоната отидов да се одморам. Тој ден бевме на крстарење, па бродот застана на еден песочен остров среде Индискиот океан и додека се фотографиравме таму одеднаш го видов на колена, со прстен во рака. Со оглед на тоа дека Малдивите од секогаш ми биле дестинација од соништата, се‘ беше како на филм.

Парот пред неколку месеци во Краљево направи и свадбена веселба за најблиските, а воедно и крштевка на синот. 

- Свадбата ја направивме во Краљево, но со македонски, т.е. струмички бенд. Венчавката исто беше со македонски адети, но ние секако не правевме традиционална свадба, па не можам да кажам дали има некои разлики во македонските и српските обичаи за свадба.

Марија вели дека веќе повеќе од половина година е на породилно отсуство од работата и затоа во моментот се во Краљево, во родниот град на Никола и дека полека се навикнува таму. Најмногу како што ни откри таа, од Струмица и недоставува семејството и пријателите. 

Никола како македонски зет, најмногу ги сакал струмичките (френки) домати, но ја засакал и Струмица, која сакал редовно да ја посетува и каде создал многу пријателства.

Кога Марија и Никола дознале дека ќе бидат родители на машко дете, и двајцата го сакале името Лука за нивното бебе, а и домашните на Никола, со години го славеле Свети Лука како куќна слава, па и тоа имало мал удел во донесувањето на одлуката за името на детенцето. 

Во донос на домашните обврски и грижата за Лука таа вели дека:

- Морам да кажам дека Никола е сопруг што готви, чисти, пегла и слично, и многу ми помага со домашните обврски, а грижата околу Лука е повеќе моја, особено кога Никола е во сезона на тренинзи и утакмици. Но, искрено јас навистина уживам во мајчинството, Лука е прекрасно бебе кое постојано сака внимание, а слободните денови на Никола ни се омилени и со нетрпение ги очекуваме за да ги искористиме за нас тројцата.

- Најголема мотивација во животот ми е мојот син, љубовта од најблиските и желбата за подобра верзија од себе, ни вели за крај Марија.


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива