Љубовта ме однесе во Будимпешта: Интервју со лекторот Златко Панзов

Најчесто во странство се заминува од некаква мака (старите би рекле: на печалба) или љубов. Кај мене пресудно беше второто, вели Панзов, лектор по македонски јазик во Будимпешта

За успешно афирмирање на македонскиот јазик во Будимпешта е задолжен лекторот Златко Панзов. Со него поразговаравме на еден од часовите на Универзитетот, минути кои беа толку забавни што и самите студенти подоцна не сакаа да си заминат, па имаа се' повеќе прашања и идеи како да го усовршат градивото. 

* Пред да се одлучите да живеете во Будимпешта, бевте успешен професор во гимназијата во Гостивар, а сега веќе неколку години работите како лектор во Македонскиот лекторат во Будимпешта. Како започна цела таа приказна?

- Мојата приказна со Унгарија започна многу одамна. Од друга страна со Анамарија, мојата сопруга, повеќе од десет години се занимаваме со книжевен превод од унгарски и македонски јазик и веќе сме препознатливи на унгарската културна средина, па веројатно природно беше да ме консултираат за Лекторатот по македонски јазик, кој пред две години беше на работ на згаснување. Бев повикан на разговор од професор Иштван Лукач и ми беше понудено местото. Немав многу време за размислување, прифатив и така започна таа приказна. Лекторатот успеа да опстане благодарение на многу луѓе кои беа вклучени во процесот.

* Како се одлучивте да заминете од Македонија, односно што беше пресудно да продолжете да ја градите кариерата во унгарската престолнина?

- Најчесто се заминува од некаква мака (старите би рекле: на печалба) или љубов. Кај мене пресудно беше второто. Всушност, студирав македонска книжевност и македонски јазик, учев полски јазик и Полска ме донесе во Унгарија. Но да скратам, на летна школа во Полска ја сретнав сопругата и така започна моето „унгарско патешествие“. Анамарија ја обожува Македонија, јас Унгарија, така што повеќепати сме се селеле на релација Македонија-Унгарија.

* Лекторатите се значајни за афирмација на македонскиот јазик, што значи постоењето на истите?

- Лекторатите се најзначајни за афирмација на одреден јазик. Вашиот јазик „постои“ кога е застапен на универзитетските центри во светот. А преку него се афирмира вашата култура, се зголемува бројот на говорители, преведувачи, едноставно се зацврстуваат релациите и се поврзуваат културите, нациите, државите. Забележувам дека многу се вложува во лекторатите, особено во оние од „помалите“ јазици. Лекторите се третираат како културни амбасадори, во некои земји имаат и дипломатски статус. 

За жал, тоа не е и случај со Македонија. Кај нас многу се зборува, но ништо не се прави. Се обидувам колку што можам повеќе да го актуализирам проблемот со цел конечно да сфатиме колку е важно да го негуваме и афирмираме македонскиот јазик по европските и светски универзитетски центри. Иницијатива треба да има од Македонија. Ние треба да иницираме отворање на нови лекторати, треба да се грижиме за ниви да ги поддржуваме. Ние постојано имаме некои поважни работи, а ја забораваме суштината на која почива нашата нација. Ете, решивме децениски проблеми, време е да се посвети поголемо внимание на македонски јазик како внатре така и надвор од државата.

* Колку студенти имате, колку се заинтересирани?

- Овој семестар македонски јазик изучуваат петнаесет студенти. Бројот на студенти постојано се зголемува. Во Унгарија постои огромен интерес за балканската култура, популарна е балканската музика, филмовите. Македонија е неистражена, интересна, посебна. Тоа ги привлекува.

* Препознатливи сте како омилен професор меѓу студентите. Дури не сакаат 
да си одат од самите часови и остануваат повеќе. Што е потребно за една 
ваква професија?

- Уште додека бев ученик, потоа студент, почнав да формирам слика каков професор сакам да бидам, а каков не. Во мое време постоеја професори (намерно не спомнувам и денес) кои се додворуваа на учениците, сакаа да бидат модерни, пријатели и секако не сфаќаа дека постојано се манипулирани. Од другата страна беа оние строги намќори, кои сопствената немоќ ја затскриваа зад „строгоста“. Не сум ги сакал ниту едните, ниту другите. Па, се обидов да најдам некаква средина, сопствен начин. Едноставно треба да сте оформена личност. Најдобриот совет во однос на оваа професија сум го добил е од вујко ми, исто наставник, а тоа е дека професорот треба да биде добар актер. Училницата е сцена, излегувате пред публика и треба добро да си ја одиграте својата улога. Треба да сте подготвен, талентиран, добро да оцените колку да дозирате (наставен материјал во случајов), колку да бидете театрален, кога смирен, кога лут... Актерите велат да ја почувствувате публиката. Исто е. Додека работев во гимназија бев популарен професор, а истовремено имав најниски оценки. Оставам на читателите сами да оценат.

* Лекторатите не се само настава туку претставуваат и културни центри. Каква е дополнителната програма за изучување на македонскиот јазик?

- Освен македонски јазик воведов два нови предмети: Македонска култура и Запознавање со Македонија. Минатата година имав и курс за македонски јазик, во рамките на нашиот универзитет, за лица кои не се студенти. А, за да привлечам студенти организирам книжевни настани. Минатата година Румена Бужаровска и Лидија Димковска беа гости на Лекторатот по македонски јазик. Настојувам таквите случувања да бидат поврзани со други наставни групи и лекторати. Румена Бужаровска гостуваше заедно со хрватската писателка Тања Мравак, односно настанот беше организиран заедно со хрватскиот лектор. Во гостувањето на Лидија Димковска, пак, активно се вклучи словенечкиот лектор.

* Лекторатите на исклучително високо ниво ја афирмираат македонската култура надвор од границите на Македонија, па затоа е значајно нивното постоење, а оваа година Лекторатот во Будимпешта одбележува 30 години постоење. Каква е програмата за одбележување на јубилејот?

- Македонскиот лекторат во Будимпешта е отворен во учебната 1988/89 година. Јубилејот ќе биде одбележан со манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“, поддржана од Министерството за култура. Ќе има повеќе настани, ќе имаме филмови, промоции на книги, концерт, гостувања од Македонија.. Јубилејот ќе биде заокружен со научна конференција. 

* Каков е животот во Будимпешта?

- Ах, Будимпешта е femme fatale. Будимпешта почнав да ја запознавам преку книжевноста, преку неа и почнав да ја разбирам. Јас сум вљубен во Будимпешта, добро се познаваме, долго сме заедно и ги поминуваме сите фази на една љубовна врска. Го сакам средноевропскиот менталитет, средноевропската мисла и карактер. Каков е животот во Будимпешта? Добар е!

* Што Ви недостига од Македонија?

- Ми недостигаат блиските луѓе. Ништо повеќе. Не можам да се пофалам со некоја носталгија или патетично ронење крокодилски солзи за дома. Домот е онаму каде што ви е убаво!

* Што е она најважното на што Ве научи животот тука?

- Дека можете да бидете опуштени. Никој нема да ви наштети.

* Оние кои повеќе Ве познаваат, знаат дека во минатото бевте и наш колега, 
односно работевте на телевизија. За што поточно станува збор?

- Јас на тоа време гледам како на сказна. Зад седум планини, седум мориња и реки четворица тинејџери, локална телевизија, музичка емисија, ослободени од сите стеги и забрани на една мала паланечка средина. Толку! (се смее).

* Каква е македонската дијаспора тука, се дружите ли на заеднички настани?

- Многу Македонци живеат и работат тука. Многу бев изненаден од група студенти од Македонија кои студираат тука, кои ме побараа и посакаа да бидат ангажирани во она што го организирам. Некои Македонци доаѓаат на настаните. Мојата порака за оние што сакаат да заминат било каде е да се охрабрат. Гледајте, учете, пренесете во Македонија! А, за оние кои сакаат да живеат во Будимпешта, дајте му шанса на градот и обидете се подобро да ги запознаете Унгарците. Колку повеќе ќе ги запознаете толку повеќе ќе согледате дека сме многу слични, иако не изгледа така на прв поглед. 

ЈУБИЛЕЈНИ ТРИ ДЕЦЕНИИ

Лекторатите на исклучително високо ниво ја афирмираат македонската култура надвор од границите на Македонија, па затоа е значајно нивното постоење. Оваа година Лекторатот во Будимпешта одбележува 30 години.Освен изучување на македонскиот јазик, Панзов воведе два нови предмети: Македонска култура и Запознавање со Македонија, а за да ги привлече студентите уште повеќе да ја запознаат македонската култура и традиција често организира книжевни вечери и културни манифестации.

Изучувањето на некој странски јазик е основен инструмент за подобро разбирање и надминување на културните разлики помеѓу државите. Уште една потврда за целосна поддршка  од Унгарија кон Македонија но и обратно, е Лекторатот по македонски јазик кој дејствува во рамките на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Првенствена цел на македонските лекторати е промоцијата и афирмација на македонскиот јазик и култура. Тие се дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, односно Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Во минатото беа помногубројни, а денес во Европа има неколку, меѓу кои и оној во унгарската престолнина.

Отворен пред точно 30 години, после паузата од повеќе од една година, повторно заживува, во летниот семестар 2017/2018 со што заинтересираноста на студентите да го изучуваат македонскиот јазик повторно се јавува и се повеќе се зголемува. За странските студенти најинтересна е македонската култура и традиција, музиката, карактеристичниот ритам и мелос, па се одлучуваат за изучување на македонскиот јазик. Велат, лекторите се еден вид на дипломати кои спроведуваат директна дипломатија помеѓу својата и земјата каде ја градат својата кариера, ја афирмираат својата држава. Затоа од исклучително значење е кој ја спроведува таа, во овој случај, образовна дипломатија, значајна за развивање на добрите односи помеѓу двете земји.

Неда Маретиќ