Македонските учебници промовираат сексизам: Остра реакција за контроверзниот учебник по социологија
По
жестоките критики на социјалните мрежи за учебник по социологија за втора
година средно образование, во којсе посочува дека жената која е поактивна во општествениот живот
има поголеми шанси да стори криминал и дека ако жената е затворена во домот нема можност да биде сторител на
кривично дело, со остра реакција се јавија и
организациите кои се членки на Платформата за родова еднаквост.
- Платформата за родова еднаквост изразува сериозна загриженост за дискриминаторските содржини присутни во учебникот по Социологија за втора година средно образование, актуелен со силни негативни критики во јавноста изминатиот период. Ги повикуваме Министерството за образование и наука и органите во состав на ова министерство веднаш да формираат Комисија за ревизија на сите наставни програми и учебници за основно и средно образование, и да се отпочне со долго најавуваниот процес на детална ревизија на сите учебници во поглед на присутноста на дискриминаторски содржини, промовирање родови стереотипи, сексизам, мизогинија и насилство. Во изминатите години имаше многубројни реакции од јавноста и граѓанскиот сектор во однос на содржините во учебниците, но конкретни преземени чекори од надлежните институции изостануваат- стои, меѓу другото, во нивното соопштение за медиуми.
Од Платформата за родова еднаквост нагласуваат дека учебниците се основа за образование и еманципација на идните генерации во нашата земја и недопустливо е содржини кои промовираат дискриминација, родова нееднаквост, шовинизам, насилство и кршење на основните човекови права, да бидат присутни и предавани во образованието како прифатливи и нормални појави.
- Потенцираме дека пласирањето на вакви содржини е противзаконско, доведува до системско промовирање на дискриминација, стереотипизација и нееднаков третман на жените и мажите во нашето општество, и директно се коси со постојните закони и стратегии во земјата - велат тие.
Како што се наведува на социјалните мрежи, автори на овој учебник, кој веќе 17 години е во употреба, се универзитетските професори Нелко Стојаноски, Милева Ѓуроска и Зоран Матевски. Во учебникот, исто така, стои дека прељубата е кривично дело. Односно дека жените во помал обем се сторители на следните кривилни дела:прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби, кривоклетство.
Министерството за образование и наука пред два дена потврди дека ќе има измени во спорниот учебник. „Планот на Педагошката служба за ревизија на учебниците го содржи и овој учебник по социологија и до почетокот на учебната 2020/2021 година неговата содржина ќе биде соодветно измената,а по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата“, информираа надлежните во Министерството за образование и наука.
Ѓ.С.