Марија е мојата светлина: Благица Калева по семејната трагедија

Благица Калева е една од најдобрите вокалистки на домашната фолк-сцена. Повеќе од две и пол децении настапува со групата „Модус“, во нејзината кариера има бројни фестивалски признанија и постојано пее на хуманитарни настани.

Пејачката која пред  16 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин, минатата година победи на „Фолк фест Валандово“ со емотивната балада „Горда мајка“ инспирирана од нејзиниот живот. Ѝ ја посвети на другата ќерка Марија со која ја делат болката по големата семејна трагедија.

- Марија е мојот живот, мојата светлина во животот. За неа живеам и се борам. Редно беше и нејзе да ѝ посветам песна од мојата ризница. Ова е уште една чувствителна композиција поврзана со мојот живот - изјави Калева лани откако триумфира на валандовскиот фестивал.