„Младите можат“ со повик до компаниите да се вклучат на Social Day 2025

Добивај вести на Viber

Здружение на граѓани „Младите можат“ по петти пат го организира проектот Social Day и ги повикува компаниите да се приклучат на оваа уникатна иницијатива. Станува збор за ден во годината кој младите од средните училишта наместо во училишните клупи го минуваат на волонтерска работа во компанија по нивен избор. За возврат, компаниите донираат една дневница во младински фонд со кој се поддржуваат иновативни проекти за млади, насочени кон унапредување на нивните можности и животни услови.

Годинава, Social Day ќе се одржи на 2-ри април, а младите и компаниите ќе имаат можност да работат заедно и да придонесат во создавањето подобро општество. Преку оваа иницијатива, се создава синергија меѓу генерациите и се поттикнуваат младите да бидат активни, независни и ангажирани граѓани, способни да создаваат промени во својата заедница.

Оваа активност претставува непроценливо искуство за младите затоа што добиваат можност да почувствуваат реална работна атмосфера. Токму затоа, со учество на Social Day, компаниите ќе ги поддржат младите и нивниот развој, но во исто време и ќе инвестираат во локалната заедница и развојот на нашето општество.

Минатата година на Social Day учествуваа 60 општествено одговорни компании и 245 млади кои поминаа еден ден во нивните канцеларии собраа младински фонд од 249.000 денари кои беа наменети за младински иницијативи.

Инаку, Social Day е глобална иницијатива која успешно се одржува во повеќе земји низ Европа.

Придружете нѝ се и бидете дел од оваа позитивна општествена промена! Заинтересираните компании можат да се приклучат на Social Day 2025 со пополнување на формата на овој линк.

ПР објава