Многу се сакавме, го изгубив додека трепнав: Ана Костадиновска, професор по музика, една од најдобрите придружни вокали во земјава

Кога смртта се случува порано, обвиена е со тага, но и со чувство на неправда.

И покрај се, оној што сте го сакале, иако не ја дочекал староста и не ги остварил сите потенцијали, важно е да го памтите неговиот живот. Благословите што сте ги примиле со него, остануваат и кога се ќе стане само минато. Чувајте ги и негувајте ги своите спомени и бидете благодарни за тој период што сте го имале со него.

Овој заклучок го наметнува љубовната приказна на Ана Костадиновска, професор по музика, една од најдобрите придружни вокали во земјава, која го изгуби својот сопруг пред три месеци.

- Се запознавме на забава. Си кликнавме веднаш и уживавме во заедничките мигови секогаш, каде и да се сретневме. Љубовната искра се појави неколку години подоцна, сосема случајно, спонтано. Таков беше, тој, спонтан , ненаметлив. Токму со тоа ме освои, а до уши се вљубив во неговиот хумор и душа голема како планина. После две години, спонтано одлучивме да ја озакониме љубовта. Ме запроси баш во негов стил, со еротска песна која самиот ја напиша. Тој ден се смеевме до солзи. Ја читавме преку 10 пати. Ден по ден, година по година, минуваше времето. Не сум мислела дека тоа е возможно,  но од ден на ден нашата љубов растеше. Го сакав секаков, поради начинот на кој успеваше да ме расположи,  магијата со која умееше да ги растера најмрачните облаци. Поради љубовта кон нашата ќерка – вели Ана на почетокот од нашиот разговор и дополнува дека најмногу  се вљубувала во неговото созревање како родител.

- Немаше и НЕМА подобар. Нашиот однос беше обичен ,а сепак толку длабок и прекрасен. Секојдневието ни беше  исполнето со насмевки, препирки, бакнежи, серии ,  друштвени игри. Секогаш ми попушташе, воопшто не умеам да губам достоинствено – открива таа.

Костадиновска е професионален бек вокал на македонската естрада повеќе од 20 години. Го придружуваше Тоше Проески на сите негови настапи и проекти. Работела и со Каролина Гочева, Владо Јаневски, Дарио, ДНК, Некст Тајм. Пеела на преку 10 000 концерти и фестивали-Скопски, Макфест, Валандово, Цветници, на три евровизски настани и на преку 50 000  студиски записи. Седум години е раководител на Естрадното училиште „Ѕвездички“ со менаџерот Марјан Катароски. Од нивната школа излегоа младите ѕвезди Лина Пејовска, Антониа Гиговска, Мина Блажев, Драгана Јовановска . Освоила бројни награди на нашите и интернационалните фестивали. Професор е во ДМУБЦ „Илија Николовски Луј“ , училиште во кое го стекнала знаењето.

- Сопругот ми беше морална, духовна ,професионална поддршка. Не беше музичар по професија, но одлично ја познаваше музиката и беше нејзин голем почитувач. Секогаш го прашував за совет и мислење. Летав, буквалнобев секојдневно среќна и исполнета. Едвај чекав помирни денови, да бидеме заедно во едно куќарче покрај море, да чекаме да дојде нашето девојче со своето семејство –вели Костадиновска.

Но, животот за Ана и Бобан имал други планови.

- Имаше здравствени тегоби краток период. Потоа се се случи толку брзо, со брзина на едно трепнување. Дијагноза, операција. Не дочека да се опорави. Состојбата му се искомлицира и си замина- појаснува таа.

Следува период на шок, тага, неверување, болка, празнина.

- Мислев дека ако некогаш ми се случи ваква приказна, ќе се скршам, ќе се здробам во ситен прав. Некако се случи сосем спротивното. Сепак, во целата тага, човекот во себе поседува огромна сила, мотивирана од љубовта кон чедото и блиските, која силно го издига над болката и го води напред низ животот. Веднаш им се вратив на обрските- вели Ана,прекрасна личност, позитивна и речиси секогаш насмеана.

 -Секојдневието ми е исполнето со ред солзи, ред песна,ред насмевки за убавиот живот за минатото, за иднината.Поминаа три месеци, болката си стои, тагата ми е чест гостин, солзите ми се секојдневие. Но, не сакам да гледам на мојата приказна со тага.Имав привилегија 15 години да живеам во љубов, слога и мир со прекрасен човек и совршен татко. Има луѓе што се цел живот заедно, а немаат ни 15 минути среќни како нашите 15 години – посочува Ана на крајот од нашиот разговор и дополнува.

- Никогаш посериозно не сум  ја сфаќала онаа малку клише фраза „Сакајте се луѓе, нема време за ништо друго“. Истава мисла ја споделувам со нашето девојче. Имаше прекрасен татко 11 години, вреди да се сеќава со радост на секој поминат миг,. А тагата е нормална. И ќе тагуваме заедно секогаш кога ќе посака – завршува Ана.


*С.А.Н.