„Тагата ќе се почувствува кога дејството на лековите ќе исчезне“: Кочани никогаш не било поцрно

Малото гратче на истокот тагува. Завиено во црно, со знамиња на половина копје, градот и семејствата на починатите лица се подготвуваат за најмасовниот погреб кој некогаш го доживеала оваа наша Македонија.
Трагедијата во Кочани, како што велат многумина од овој град, уште посилно ќе се почувствува во наредните денови кога ќе почнат да исчезнуваат ефектите од лековите за смирување, под чие влијание се многумина. Најголем дел од 59-те починати се од Кочани и други приградски населби.
По завршувањето на обдукцијата во Скопје, телата на загинатите ќе бидат вратени во Кочани и предадени на семејствата.
Според неофицијални информации, потоа во Кочани ќе се одржи масовен погреб, кој ќе биде најголем во историјата на Македонија.
Да потсетиме, најмалку 59 лица загинаа во пожар што избувна ноќта меѓу саботата и неделата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Најмладата жртва имала само 14 години. Повредени се најмалку 150 лица, кои се пренесени во болниците во Кочани, Штип и Скопје, а потоа итно пренесени во околните земји.