Наградата „Оливера Николова“ ќе ја ревитализира литературата за деца и млади

На 11 март, денот на раѓањето на мајката на сите македонски писателки – Оливера Николова, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја востанови наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади.
На прес-конференцијата што денеска се одржа во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“ се обратија Бранка Бугариска (директорка на издаваштво во „Арс Ламина“) и членовите на жирито за наградата „Оливера Николова“ за 2025 година: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка).
Бугариска истакна дека овој датум не е случајно одбран – тој е роденденот на нашата голема писателка, а годинава е и првиот без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Но, нејзините дела, нејзините приказни, нејзината посветеност на литературата за најмладите остануваат бесмртни.
– Со оваа награда сакаме да ја зачуваме и продолжиме големата книжевна традиција што ја остави Оливера Николова (1936-2024). Нејзиниот придонес во македонската литература, а особено во романот за деца и млади, е немерлив. Со своите дела таа внесе автентичност, емоционална длабочина и хуманост, кои и денес инспирираат генерации читатели. Нашата мисија е да го поддржиме овој книжевен жанр, да му дадеме нова сила и да поттикнеме автори кои ќе ја продолжат оваа значајна традиција. Романот за деца и млади има клучна улога во обликувањето на карактерот, во развојот на емпатијата, во отворањето нови светови за најмладите. Во време кога книжевноста за деца е притеснета меѓу сликовниците и литературата за возрасни, нашата цел е да го ревитализираме овој жанр, да му дадеме простор да расцутува и да стане повторно значаен дел од современата македонска книжевна сцена... Во чест на Оливера Николова, во чест на идните генерации читатели, ги покануваме сите автори да учествуваат и да бидат дел од ова книжевно наследство кое продолжува да живее – рече Бугариска.
– Нашиот нововостановен конкурс „Оливера Николова“ е за необјавен роман за деца и млади, така што победникот ќе може да си го продолжи патот на рецепцијата, но и на учество во останатите награди во земјава, со што се збогатуваат можностите за што поширока афирмација. Тој не загрозува, ниту се натпреварува со ниту една постојна награда, напротив, придонесува за богатството и квалитетот на македонскиот книжевен живот... Би ја парафразирала изреката на Достоевски за Гогољ: Сите ние сме излезени од шинелот на Оливера Николова. Таа беше и е книжевна мајка на македонските писателки. И воопшто не е важно кој го кажал тоа прв, Лилјана Дирјан, Кица Колбе, Јагода Михајловска-Георгиева, Лидија Димковска, јас или некоја сосем друга авторка. Важно е дека тоа го чувствуваме сите. Речиси сите одевме на книжевна причесна кај Оливера Николова. Ѝ ги носевме своите книги. Макар да ги допре. Востановувањето на оваа награда е исто така причесна за македонската книжевност. Преку неа раскажувачката рака на Николова ќе продолжи да чука како срце и да бие како камбана. Се надевам дека со востановувањето на оваа награда за необјавен роман за деца и млади којашто го носи нејзиното име барем малку ќе ѝ се оддолжиме на Оливера Николова за сето тоа што таа го направи за нас и за современата македонска книжевност – рече Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс Ламина“ и член на жирито.
– Оваа идеја да се воведе награда „Оливера Николова“ ќе направи еден сериозен книжевен простор во кој ќе излезат на мегдан и авторите и нивните нови приказни. Времето ќе ги исфилтрира, ќе ги исцентрифугира преку тоа каков прием навистина тие ќе имаат кај самите деца-читатели. И ќе бидам среќна кога по само неколку години, а особено за десет години, полицата со најнови книги за деца и млади ќе биде не само преполна со книги, туку и полна со добри книги кои ќе го задржуваат вистинското внимание на детето на 21. век преку добрите приказни. Приказни што ќе знаат да го забавуваат и кои ќе ја поттикнуваат неговата љубопитност, неговата фантазија, но и ќе му помагаат да го развива својот интелект и да ги објаснува своите чувства – рече Мојсова-Чепишевска.
– Најпрво поради името што го носи во чест на нашата „мајка на сите писателки“ како што со право ја нарекуваме Оливера Николова. Потоа, зашто оваа награда е за роман за деца и за млади, ВО РАКОПИС! Сигурна сум дека ќе им биде поттик на етаблираните, но, уште позначајно, на писателите „новајлии“. Голема е осеката кај нас од овој вид домашни книги. И минимален е интересот за нив од страна на читателите. Имам пет внуци на возраст од три до тринаесет години. Ми се поплакуваат дека македонските дела не биле интересни како странските, особено лектирите. Не тврдам дека се сосема во право, па сепак... Што бара младата читателска публика? Бара книги блиски до нивниот начин на комуникација, забава, блиски до нивните интереси, возбудливи книги, богати со фантазија, духовити, поттикнувачки, не „попувачки“, не „мудрувачки“, не дидактички, иако вклучително и тоа, но вешто камуфлирано. Младите бараат да се препознаат во ликовите, јунаци на кои можат да им веруваат, да се угледуваат на нив... Затоа, според мене, е најтешко да се пишува за овие читатели, но и најчудесно. Еве го мојот „рецепт“: се нурнувам во сопственото детство, го наслушнувам детето во мене, а паралелно, будно ги набљудувам „новите клинци“. Па, сепак, секој автор си го открива својот начин. Најважна е смелоста да се влезе во таа авантура... и да се пишува, пишува, пишува – истакна Михајловска-Георгиева.
Наградата „Оливера Николова“ ќе се доделува секоја година на 11 март, а првиот конкурс се отвора денес и трае до 11 јуни 2025 година. Право на учество на конкурсот имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. За наградата можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници), што ќе ги достават самите автори по електронска пошта на е-адресата konkurs@arslamina.com, како Word или PDF-документ со назнака: за конкурсот „Оливера Николова“. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Одлуката за првиот добитник на наградата „Оливера Николова“ ќе биде објавена во септември 2025 година. Наградата ќе биде доделена на посебен свечен настан во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“.
ПР објава