Новинарката Секуловска со необично хоби: Предметите ги сликам за да не бидат депресивни
Во младоста купував готови слики од продавачите пред стара НАМА, или екс Стоковна куќа и врз нив сликав, ако немав платно во моментот – вели Секуловска
Новинарката Билјана Секуловска, меѓу пријателите позната и како Ива, е една од ретките јавни личности со јасно дефиниран имиџ. Нејзината уметничка, лежерна па и боемска страна која деновиве испливува на виделина, е вистинско изненадување за публиката која ја познава по нејзиниот сурово отсечен новинарски стил. Имено, Ива слика на стакло, порцелан, керамика и секоја предмет што ќе и` се види податен за пребојување.
Како што вели самата, луѓето што добро ја познаваат не се изненадени од нејзините уметнички изблици, бидејќи нејзиниот дом преполн со книги, слики и антиквитети, сам по себе, е мало уметничко дело.
-Дома и секаде каде што ќе најдам слободен простор цртам и сликам. Во младоста сликав, и дури имам неколку слики што ги чувам, се` друго е фрлено. Купував готови слики од продавачите пред стара НАМА, или екс Стоковна куќа и врз нив сликав, ако немав платно во моментот- вели Билјана.
Главното „бојно поле“ за постојани пребојувања и разместувања е - нејзинот стан и предметите во него. Не се поштедени ниту ѕидовите, ниту трпезариската маса која е пребоена во апстрактен стил.
- И ѕидот во спалната ми беше целосно насликан со сива боја во неколку тонови, ама брзо ми здосади, па сега е пак бел. Во кујната плочките повеќе не се бели. Сликам се`, а масата во трпезарија е добра илустрација за тоа дека сакам да цртам на се` – додава Билјана.
Сликањето на чаши и други садови од стакло порцелан и керамика и` дошло сосема спонатно.
- Не знам зошто почнав да сликам, генерално, и тоа не само на чаши, шолји и стакло, порцелан и керамика. Можеби дека почна да ми пречи што предметите околу нас се многу монотони и депресивни кога се празни. Работам со специјални бои, кои не се вадат, но претходно е потребно печење и отстојување од цела ноќ .
Нејзините изработки може да се видат и на инстаграм страницата „Ил Силенцио Перфето“ или „Перфектна тишина“
- Го ставив ова име зошто совршено одговара со мојата идеја за уживањето во кафето и чајот, во чашите и шолјите. А кога би можело да се бира, а не може, би сакала да имам талент за пишување романи, а не за сликање – додава.
Мимоза Петревска Георгиева