ОЛИВЕР ЛАНИ СЕ ПРОСТИ СО СКОПЈЕ: КОЈ ЗНАЕ КОГА ПАК ЌЕ МОЖАМ ДА ЗАПЕАМ СО ВАС
Оливер Драгојевиќ за последен пат настапи во Скопје на 4 март во 2017 година, само неколку месеци пред да му ја дијагностицираат болеста. Легендарниот музичар почина утрово во Сплит, по една година борба со ракот.
Оливер во Скопје, одржа заеднички концерт со неговиот близок пријател Џибони во ВИП Арената.
„Ајде Скопје, пејте со мене. Јас сум од оние, старите пејачи. Кој знае кога пак ќе можам да дојдам кај вас и ќе пееме заедно", беа зборовите на Оливер до скопската публика.
На неговите концерти, секогаш имаше и солзи и смеење. Жените се расплакуваа на фестивалските балади кои ги потсетуваат на младоста, а Драгојевиќ секогаш знаеше да ги развесели и со некој виц.
„Велат дека жените плачат на моите песни, ама на оваа не се воздржуваат ни мажите. Ова е мојата машка песна", рече Оливер на истиот скопски концерт лани,и ја испеа легендарната „Опрости ми папе".
(М.Џ.)