Пелистер е нераскинлив дел на секој еден битолчанец: Димитар Андоновски за македонските убавини

Добивај вести на Viber

Битолчанецот Димитар Андоновски, секогаш скромен и ненаметлив во јавноста, дури и покрај многубројните награди, популарноста и препознатливоста насекаде, музичката кариера ја градеше чекор по чекор, а денес е еден од најангажираните наши поп-пејачи.

И не само како поп изведувач, туку и како автор на композиции меѓу кои и оние за театарски претстави и проекти.

Својот мир како што вели го пронајде во семејството.

Настапи на годинешниот „Макфест“ со неговото прво авторско дело „Се што правев за тебе“, најавувајќи го враќањето на неговата соло музичка кариера и воедно најави уште многу музика и песни.

Секогаш професионален и личност со која е секогаш задоволство да се разговара и направи интервју. Овојпат разговаравме за малку поинаква тема, односно македонските природни убавини, но секако чепнавме и во професионалните проекти.

* Како го поминуваше периодот на изолација?

- За мене периодот на изолација беше одмор и психички и физички. Некако ми даде нова енергија нова креација, нов начин на размислување. Тој период бев доста и музички продуктивен и го започнав мојот музички проект „Надеж" на кој работам и сега во моментов и се надевам дека еден ден ке го видам како големо музичко остварување. 

* Со оглед на тоа што си вљубеник во македонските убавини и природа, кои места најчесто ги посетуваш?

- Како секој еден битолчанец Пелистер е нераскинлив дел од мене. Но, многу често одам и во Бигорскиот манастир и таму уживам во прекрасната природа што Бог ја создал во тој предел. Мавровскиот дел на Македонија дефинитивно е нешто со што треба да се гордееме. 

* Со настапот на „Макфест“ го најави враќањето на твојата соло музичка кариера. Кажи ни нешто повеќе за тоа, како дојде на таа идеја?

- Јас сум човек што сака да создава и постојано да твори. Некако спонтано си дојде и самата идеја за да пеам на „Макфест“. Песната „Се што правев за тебе" е мое прво комплетно музичко остварување како кантавтор и сум многу среќен што еве баш со оваа песна настапив на „Макфест“, а со тоа и го најавив моето враќање на музичката естрада со многу нова музика во иднина од мене. 

* Каде најмногу наоѓаш инспирација за театарската музика, уште едно поле каде Димитар успешно го покажа својот талент?

- Театарот и музиката за театар се нешто со што сакам да се занимавам до крајот на мојот живот. Таа уметност е нешто што многу ме привлекува и затоа го работам со задоволство. Изминативе години направив многу музика за претстави, остварив многу нови искуства и познанства. Секогаш енергијата и идеите ги црпам од самиот текст но највеќе од глумците и се разбира од режисерот. 

* Виктор Апостоловски, Пелистер е дома, за Фани Христова местото каде го наоѓа својот мир. Нема битолчанец кој не е вљубен во Баба планина и Пелистер. Што Пелистер значи за тебе?

- Пелистер е дефинитивно наш бисер и ние како биточани си се гордееме на него. Тој е нераскинлив дел на секој еден битолчанец. Покрај битолчани многумина доаѓаат да го посетат и уживаат во неговата убавина. 

* Езеро или планина?

Тешко ми е да одлучам покрај овие две убавини.И планината и езерото имаат своја убавина и енергија. Секогаш расположениото ми е различно и во однос на тоа одлучувам што би одбрал и каде би одел за да си ги наполнам батериите. 

* Колку македонската природа е инспиративна за снимање видео записи, компонирање музика?

- Многу... и затоа многу спотови се снимени баш низ македонските природни убавини. 

* Интересна авантура низ некое македонско туристичко место?

- Секогаш ми е убаво кога посетувам некое ново место и затоа тешко ми е да издвојам  некоја авантура, затоа што секое доживување има свои убавини и свои спомени. 

* Поддржувач си на голем број хуманитарни акции и здруженија. Колку сметаш дека денес свесноста за емпатијата и помагање е развиена кај луѓето и што би променил?

- Секогаш треба да си подаваме рака и да си помагаме. Се трудам секогаш да најдам начин и да им помогнам на луѓето што бараат помош од мене. Многумина во минатото ги злоупотребуваа хуманитарните акции за свои лични цели и затоа и кај луѓето се создаде таа недоверба кон хуманитарните активности. Но тоа не треба да не спречи нас останатите да помагаме и да им дадеме максимална поддршка на оние на кои што највеќе им требаме. 

* Кои места во Македонија би ги препорачал на пријателите од другите држави, а кои на пријателите од Македонија?

- Има премногу убавина во Македонија. Еве би ги издвоил Пелистер, Бигорски Манастир, Маврово, Смилево, Зовиќ, Шар Планина, Св. Јоаким Осоговски…

Неда Маретиќ