Плати си го пијалокот со донација: Гостите на скопско кафуле собраа храна и облека за семејството Трајановски од Кумановско

Скопјани и многу хумани луѓе од цела Македонија донираа од срце за семејството Трајановски од кумановското село Живиње. Скопскиот локал „Бифе Тафталиџе“ организираше хуманитарна акција во која се вклучи и екипата на „Женски магазин“. Пијалоците во кафе-барот беа гратис, за сите оние кои донесоа облека, средства за хигиена и храна за семејството чија приказна ја трогна јавноста. 

Милош, најмалиот син од семејството, сега е петто одделение и иако е роден со срцева маана, за да стигне до училиште дневно мора да пешачи по 3 часа. Постариот син Миле, кој заради немањето услови не успеал да заврши средно образование, бил вработен некое време, но потоа бил отпуштен затоа што не сакале да го осигураат. Тој бил и единствениот во семејството кој придонесувал финансиски. Сега семејството нема буквално никаков извор на егзистенција. 

 „Од тие побуди, во рамките на нашите можности, решивме да направиме една хуманитарна акција. Кога ја слушнаа приказнава, речиси сите соседи и пријатели пројавија интерес да земат учество. Се собраа многу донации кои ќе им ги однесеме на Трајановски уште вечерва“, ни изјави Филип, еден од келнерите во кафулето кој е пријател со семејството. 

Сопственикот на локалот и персоналот преку својата Фејсбук страница им порачаа на гостите да не доаѓаат со празни раце, а секој колку што е во можност да донесе исклучиво храна, средства за хигиена, средства за чистење, облека, обувки, постелнина и храна која не е лесно расиплива. Фотографката Јулијана Зафирова, чија што изложба на фотографии е во тек во бифето, се приклучи во акцијата, а гостите што донираа добија на подарок нејзини фотографии. 

„Семејството Трајановски беше пресреќно за оваа акција. Ни рекоа дека сѐ што ќе собереме е добредојдено“, ни изјавија од персоналот на кафе-барот. За музиката се погрижи диџејот Дино Шкриќариќ, а на сите гости им се допадна идејата: Плати си го пијалокот со донација. 


 М.Џаровска