Поезијата ми е слобода на битисувањето: Интервју со поетесата Тања Крмзова Костиглиола
Тања Кармзова Костиглиола веќе дванаесет години живее во Франција со сопругот и синот Кими.
Со поезијата е поврзана од мали нозе, а фармацијата доаѓа подоцна како вокација.
Иако вели дека не би знала што и' е поголема љубов од двете, најголем предизвик и' е одржувањето рамнотежа меѓу овие два столба и постојаното одење по жица од едниот до другиот столб.
Тања има издадено четири збирки поезија, а со последната, "Дваесет и еден грам", е добитник на наградата "Стојан Христов", во рамките на Струшките вечери на поезијата за 2020 година, за најдобра поетска збирка на поет од дијаспората. Награда која традиционално се доделува во тесна соработка со Агенцијата за иселеништво.
За Женски магазин, поетесата вели дека оваа награда и' значи многу повеќе отколку што мислела дека ќе и значи.
- Наградата "Стојан Христов" којашто се доделува во склоп на Струшките вечери на поезијата е истовремено признание за досегашниот вложен труд и мотивација и стимул за понатамошни поетски дела. Посебно ми е важно да се знае дека оваа награда носи име на човек којшто успеал да изгради мост меѓу својата татковина и својата земја на дочек, во случајов САД, без притоа да повреди ниту една од двете нации со коишто е поврзан. Стојан Христов, како публицист и автор, а истовремено и како носител на американска државна функција е доказ дека тие мостови ни се насушни нам како иселеници, но и на нашите сонародници коишто живеат во татковината. Нам, за да си ја промовираме државата надвор од границите, и вам за да уживате во бенефициите од таа промоција што треба да следат. Притоа, не мислам само на економски придобивки, тие најтешко и најбавно се добиваат по патот на уметноста, туку ги ставам на пиедестал оние бенефиции од областа на интернационалната соработка од областа на културата, уметноста и образованието, со што заедно работиме на зацврстување на нашиот идентитет како Македонци. Ваквата соработка е поддржана од Агенцијата за иселеништво и тоа е за поздрав, а верувам дека истата ќе се продлабочува во иднина. Би сакала истовремено да упатам и апел до државните органи, соодветните министерства и македонските дипломатско-конзуларни претставништва ширум светот да почнат или да продолжат да го помагаат овој начин на искажување и докажување на љубов кон татковината. Ова е наш, заеднички интерес.
„Дваесет и еден грам" е збирка која изобилува со стилски фигури, препознатлив стил и мешавина од теми и чувства низ коишто се провира блага меланхолија.
Интересно во песните на Тања, е тоа што често, за чувствата зборува низ медицински термини, па ја прашавме дали ова има врска со нејзината професија.
- Дефинитивно стручната терминологија ми е професионална маана или адут, зависно од гледната точка. Речиси секогаш ги визуелизирам чувствата и настаните низ призмата на функционирањето на организмот. Еден вид на постојана компаратива. Ние сме чуда на природата, нашите тела се поезија и тоа несомнено ме фасцинира. Фармацијата и воопшто медицината и природните науки се мојот начин да останам рационална, приземна, додека поезијата ми е паралелен свет, нешто што нема потреба од клинички студии, докази и дефиниции. Нешто што нема причина да влезе во рамка, во бразда. Поезијата ми е слобода на битисувањето. Не знам што ми е поголема љубов, ама знам дека најголем предизвик ми е одржувањето на рамнотежа меѓу овие два столба и постојаното одење по жица од едниот до другиот столб.
Од каде црпите инспирација, љубовта често ја опишувате низ болни, тажни и тешки зборови кои не оставаат никого рамнодушен, дали вие ја доживувате љубовта на начинот на кој што пишувате за неа?
- Колку повеќе стареам, толку повеќе се убедувам себеси дека љубовта не боли, иако долго време верував дека оди рака за рака со страдањето. Сметам дека она што боли е предавството, а не љубовта. Загубата, а не љубовта. Без разлика дали се работи за љубов меѓу двајца партнери, меѓу дете и родител, меѓу сестри и браќа, другари или љубов кон татковината. Љубовта е комплексно чувство и со неа се мешаат многу други емоции, врз неа влијаат и дела и пасивност, и зборовите и тишината. Она што боли е изгубената доверба, чувството на запоставеност, ниските удари од сакани личности, разочарувањето, недостигот. Љубовта не боли, туку вдахнува сила да се оди напред, да се биде праведен, да се остане борбен. А инспирацијата е баш љубовта во секоја нејзина форма, без оглед на тоа дали нејзиниот допир ми бил наменет мене или на некој друг. Важен е моментот кога од тоа магично чувство се оцртуваат други чувства коишто се во постојана интеракција за да го создадат мигот, да измамат реакција, да остават белег во облик на цртеж или лузна.
Дали пишувате поезија на француски, ја преведувате истата, или францускиот
јазик ве инспирира за поразличен стил на пишување?
- Францускиот јазик научив да го сакам кога почнав да го владеам. Пред тоа го
сметав за исклучително тежок и малку крут. Имам обиди за препев на песни на
француски јазик, но иако одлично го зборам и пишувам - за да биде препевот
успешен сметам дека не сум доволно компетентна. Затоа, кога ќе ми дозволат
обврските би сакала за тоа да поразговарам со некој кому тоа му е професија, а
истовремено и страст и вокација. За мене е важно она што ќе го понудам на
читателите да биде квалитетно и сработено на професионален начин. Мојата
поезија изобилува со архаизми, турцизми, медицински термини, понекогаш се
повикува на локални легенди и светски митови, би било штета да се изгубат
истите во квази-препев. Инаку, да, пишувам и на француски јазик. Интересно е
што и во спротивната насока (од француски на македонски) не сум задоволна од
сопствените препеви. Веројатно, во мојот ум секој јазик ужива посебно место, но
со идентична важност и тоа ми создава еден вид на блокада, од страв да не го
повредам едниот или другиот. Сепак, стилот и темите остануваат многу слични и
на македонски и на француски јазик.
Тања вели дека би сакала еден ден да го понуди нејзино дело и на француските читатели, но засега тоа останува само желба.
Ја прашавме дали е тешко да се издаде книга во Франција, и дали има многу разлика во потребните финансии во однос на
Македонија.
- Имам желба да понудам мое дело и на француските читатели, но засега тоа останува само желба. Ги разгледав површно процедурите и немам впечаток дека се многу поразлични во однос на македонските. Се завршува збирката и се понудува на издавачки куќи коишто ќе покажат или не интерес да застанат позади истата. Оттаму, тие ги преземаат трошоците за нејзиното издавање. Постои можност да се издаде збирка или друг вид на книга со самоиздаваштво, но тоа ја отежнува достапноста на книгата до читателите и бара мобилизирање на сериозни финансиски средства.
А што најмногу сака да чита Тања?
- Читам дијаметрално различна литература од еден час до друг, во зависност од емотивната состојба и потребите. Класична литература, стручна литература, современа литература. Читам поезија, романи, раскази, драми, есеи, научни студии, новинарски текстови и статуси по социјални мрежи. Најмногу уживам во писанијата на Вулф, Иго, Де Бовуар, Дирас, Вајлд. Знам да се внесам и во делата на Маркс, Спиноза, Волтер... Читам и наши автори, руска литература, античка поезија и мои современици како Ана Бунтеска, Јосип Коцев, Никола Маџиров, Ѓорѓи Калајџиев, Стефан Марковски, Сузана Мицева, Митко Гогов... Денес не можеме да се пожалиме, имаме апсолутно лесен пристап до квалитетна литература и живееме во тешко, но инспиративно време.
За крај и' зададовме тешка задача, да избере омилена песна од нејзините досега напишани песни.
- Вистината е дека сите песни за авторот се како своевидни негови чеда, оти се
дел од него, паднати се од неговата душа. Секој ден барам стихови во кои ќе ја
пронајдам својата моментална состојба, или онаа на некој друг што непосредно
пред тоа допрела до мене, ме трогнала. Често наоѓам таква песна, а кога не
успевам - пишувам нова. За денес ви ја одбрав насловната песна: Ако душата тежи
дваесет и еден грам. Зошто 21, а не 24? Оти некаде во среден век постоела
теорија дека толку тежи душата, се мерела тежината на луѓето на нивните смртни
постели во моментот пред да им згасне животот и веднаш потоа. Разликата
честопати била 21 грам. Подоцна оваа разлика е објаснета од науката, но и
покрај тоа - сè уште може да се слушне истата, затоа што останала во етерот
како мит, како легенда, како верување.
Ако душата тежи дваесет и еден грам
Ако душата тежи дваесет и еден грам,
колку тежат сите неправди
камшикувани врз снагата,
заедно со сите лузни на кожата
и под неа,
со онаа љубов
што била предмет на потсмев,
со неизустливите гревови
кои биле храм на недодржлива страст,
со папочните врвки
што пресечени висат во воздух
и константно лазат кон папокот
на нашите деца,
со вакуумот во вените
кои носат алвеоли со празнина
кога ни ги нема веќе создателите,
со честички од раката на другарот
што ти ја држи косата
дури повраќаш јадови,
и вибрациите од испружениот јазик
на душманот
дури те гледа како хронолошки ги редиш
сопствените порази до туѓите успеси?
Ако душата тежи дваесет и еден грам,
кој е спретен да ја истражи
концентрацијата на чувствата,
пропорциите на темнината и светлината,
факторот на разместување атоми
под топлината на убавиот збор,
константата на истрајност
под центрифугирањето на релативното зло,
и да ја најде непознатата вредност
во равенката која треба да реши
што тоа е способно да замени
неколку грама кај сите оние
што постојано го шамараат светот?
*Љ.И