Познати татковци со три ќерки: Следат фудбалски и ракометни натпревари, музикални се и убаво пеат
Многу психолози одамна утврдија дека помеѓу татковците и ќерките постои посебна нишка на приврзаност, која не може со ништо да се спореди.
Ако нешто тргне наопаку, ќерките се првите на кои татковците може да се потпрат, затоа што тие ја имаат целата мудрост, сила и смиреност во огнени ситуации. И многу се храбри. Од друга страна, татковците се идоли на своите ќерки. За нив се најдобрите и најхрабрите мажи.
Ѓоко Хаџиевски тренер на фудбалскиот клуб Ал Дафра од ОАЕ, Ацо Јоновски тренер на германскиот ракометен клуб Ратинген и асистент на македонската ракометна репрезентација, Никола Перевски – Пере фронтменот на „Нокаут“ и пејачот Миле Кузмановски се горди татковци на три ќерки. Велат дека животот со нив е возбудлив, интересен и пред се обоен со убавина.
Строги во домот, како и на теренот
Ѓоко Хаџиевски е татко на три ќерки Стефанија (38), Андреа (31) и Катја (19). Тие ги исполниле сите негови очекувања и замисли.
- Иако се на различна возраст, тие дишат заедно, како да се врснички. Нивниот меѓусебен однос, љубов и почитување ме прави горд татко. Стефи и Андреа од мали се интересираат за фудбалот. Доаѓаа на фудбалските натпревари, се интересираа и за резултатите на другите тимови. Сега уште повеќе се инволвирани во фудбалот. Георг, синот на Стефи е првотимец на ФК Вардар. А сопругот на Андреа е фудбалски тренер. Катја во последно време пријатно ме изненадува. Почна многу да се интересира за фудбалот. Ние комплетно сме фудбалска фамилија – открива Хаџиевски и дополнува дека е малку построг татко, бидејќи тоа му е професионална деформација.
-Кога можам да држам во режим многу фудбалери во изминативе години, нелогично е да ме „дриблаат" ќерките. Кога беа помали се грижев каде се, со кого и кога ќе се вратат дома. Нормално не им се мешав и не им сугерирав за ништо. Грижата за нив постои и денес, иако две од нив веќе имаат свои семејства. Ќерките се многу поврзани меѓу себе. Можам да речам дека се прекрасни тетки на своите внучиња. Најмалата, Катја која сега е студент, често ги чува близнаците на Андреа, Алекс и Сандро кои имаат четири години. Андреа се грижеше за децата на Стефанија, Георг (17) и Алексиа (8). Од друга страна Стефанија многу ги сака близнаците на Андреа. Иако не сум физчки присутен, секојдневно се слушам на видео повик со сите и запознаен сум со нивните активности – посочува тој.
Ако некогаш се појават недоразбирања, Хаџиевски вели дека настојува да ја „спушти топката“ и брзо да дојде до мир.
- Честопати им велам дека ќе бидам многу разочаран, ако се случи да не зборуваат меѓу себе. Тоа навистина не го сакам. Сигурен сум дека тоа нема да се случи, зашто трите се емотивни и се многу блиски. Стефи и Андреа се остварени во животот со нивните семејства. Се надевам и Катја ќе успее во тоа. Заедничко за трите е дружбата. Стефи и Андреа имаат исти другарки од школските денови со кои интензивно се дружат и семејно. Сега Катја е на пат да го оствари тоа. И таа има неколку блиски другарки со кои секојдневно се дружи. Дури и во странство патуваат заедно. Мојата сопруга Тања како мајка, ги знае сите нивни тајни. И тоа што не е за мене, го премолчува. Сите обожаваат шопинг. Често велам „за да се порасположени, само пушти ги да се подноват и сѐ е подмачкано“ – открива Хаџиевски.
Ацо Јоновски за животот со Андреа (13), Ивана (7) и Јоана (2) вели дека не е досаден ни малку. Има секакви денови, но најмногу се бројат тие исполнети со многу среќа.
-Да се биде татко на три ќерки не е едноставно, но кога сѐ ќе соберам и одземам, не постои ништо на светот што може да го опише тоа чувство кога се покрај мене. Таа љубов. Таа поврзаност. Знам честопати да бидам доста строг со нив, но тоа е сепак затоа што сакам да се воспитани и еден ден да станат праведни и добри луѓе. Но, тоа не значи дека сум редовно строг, честопати им допуштам многу. Танцуваме, ми прават фризури, ме шминкаат- вели Јоновски.
Трите му се подеднакво мили, секоја на свој начин. Зашто секоја од нив е различна, како по изглед, така и карактерно.
-Поради таа разлика во години и во карактер, честопати има и кавги. Тогаш ја викам мајка им на помош. Јоана сега ја има главната улога и не врти сите околу малото прсте. Ивана е таа што секогаш ни прави забава дома, танцува, пее, свири клавир. Андреа по карактер наликува најмногу на мене. Доста е зрела за нејзините години, чувствителна е, упорна. Таа го наследи тој спортски дух. Тренира ракомет, во Германија каде што живееме и ако продолжи со таа желба, многу ќе успее. Тоа многу ќе ме израдува, зашто многу добив од ракометот во животот. Зборувам за другарства, искуства, секако и финансии – посочува тој и дополнува дека ќерките и сопругата му се најголема поддршка.
- Од моментот кога се родија, буквално се во сала. Ретки се натпреварите на кои не ме бодреа. Така е и сега, кога сум тренер. Животот со четири жени дома не е лесен, но истовремено е и незаменлив во позитивна смисла – завршува Јоновски.
Музичкиот ген во наследство
Животот со Миа (21), Каја (14) и Софиа, која има само четири месеци, е благословен. Кај и да се сврти, Никола Перевски – Пере, гледа убавина околу него.
-А, ако мислевте на тоа дали ми било полесно да се снајдам со Каја и Софиа, заради искуството со Миа, се лажете. Сите три се со сосема различни карактери уште од бебиња. Секоја со своја енергија, навики, сфаќања и со свој начин на откривање на светот. Учат тие од мене, учам и јас од нив. Инаку имам внук од мојот брат, со кој имам посебно близок однос, па ете знам како да се снајдам и со машко. Во случај да се случи четврто па, машко – вели Перевски и дополнува:
- Строг сум толку колку што треба, за да ги изведам на прав пат, да им укажам на грешки и да ги натерам сами да ги совладаат препреките. Најчесто сум попустлив, па дури и кога сум строг- посочува музичарот.
Во секоја од нив се гледа себеси, и во секоја наоѓа по нешто свое, што го нема кај другата. Дури и кај најмалата Софиа, иако има само четири месеци. Вели, дека ако ги споиш сите три заедно, ќе добиеш еден Пере.
-Мојата најстара ќерка Михаела веќе длабоко е "влезена" во музичките води. Освен тоа што на многу настапи на „Нокаут“ ме придружува како придружен вокал, таа веќе работи на своја сопствена музика. Неодамна го издаде својот прв сингл "В сон" на што сум особено горд. Посебно ме радува тоа што има изградено сопствен стил, своја е, оригинална и стравствена во тоа што го работи. Искрено и посакувам светла музичка иднина. Се додека знае што сака, се додека се надградува професионално, нема да имам сомнеж во неа. И како што поминува времето, се повеќе мислам дека кај неа сум влијаел само со тоа што сум и ги пренел гените, за се останато е заслужна таа самата. И Каја има извонреден музички талент. Прекрасен глас, кој искрено се надевам ќе го слушнат уште многу луѓе. Можете да го слушнете во насловната тема на новиот серијал од "Дајте музика", а имаше свој настап и на „Супер Ѕвезда“. Срамежливо, но сигурно почнува да го покажува својот талент. Често пати знае да седне на клавијатура и да "ги истури" своите емоции, но засега тоа го прави само за себе и за нас најблиските. Не сакам да ја форсирам. Мојата поддршка ќе ја има секогаш и за било што ќе одбере. За разлика од неа, Софиа ужива да ги покажува своите гласовни способности уште од сега. Особено ноќе, и се труди што повеќе соседи и минувачи да ја слушнат. Пејачка таа на тато! – вели Перевски.
Караници имало и ќе има. Од најбанални работи, па се до нешта во кои морал да се вмеша. Најчесто сака сами да го решат проблемот, затоа што само така ќе се подготват за тоа што ги чека во животот.
-Додека беа помали Миа и Каја почесто имав улога на "мировни сили", но сега се доволно зрели да ги истераат своите битки до крај и сами. Верувам дека кон Софиа повеќе ќе бидат заштитнички настроени, заради разликата во години. Она што најмногу ме радува е тоа што гледам дека сите три совршено функционираат заедно. Софиа е среќна што ги има. А, и тие неа- потенцира музичарот.
Близначките Ана и Јана кои годинава ќе станат полнолетни и најмалата Ева (3), на Миле Кузмановски му го прават животот интересен, посебен, сензитивен, розев и среќен.
-Јас сум среќен татко со три убавици, опкружен сум секогаш со убавина и многу љубов. Девојчињата според мене знаат како да ги покажат своите емоции, да те освојат и да те направат среќен, да ти дадат енергија да го освоиш светот. А од друга страна, те прават да бидеш погрижлив и посебно одговорен за нив. Истовремено сум и строг и попустлив родител. Но крајот секогаш е како тие што сакаат да биде –па сега вие проценете каков родител сум – открива Миле и појаснува дека тие го направиле посилен, а почувствителен во делот на нивната еднаквост и комплетна интергација како женски пол во нашето општество.
Во секоја од нив пронаоѓа дел од себе и по физиономија и карактерно . Но, секоја од нив ја охрабрува да се изгради во своја личност.
- Посебен интерес кон пеењето близначките до сега не покажале, а за најмалата сеуште е рано да се зборува иако многу сака да игра и да пее. Не знаеме дали ќе пројави интерес. Доколку тоа се случи, секако ќе биде поддржана од моја страна. Засега Ана и Јана не доаѓале на моите настапи во рестораните. Но, се надевам дека што поскоро ќе замине пандемијата, па ќе имаат можност кога сакаат со свое друштво да дојдат. Годинава ќе наполнат 18 години. Секогаш биле присутни на моите концерти. Тие и мојата сопруга ми се секогаш најголемата поддршка. Верувам дека и Ева, најмалата ќе има можност да ја види во живо професијата на татко ѝ –вели тој.
Тинејџерите имаат секоја минута причина за кавга, но Кузмановски најчесто не влегува меѓу нив и остава сами да ги решат проблемите.
-А најмалата е секако ѕвезда, нема со неа кавги. Периодов многу повеќе време поминувам со моите ќерки и сопругата. Имав можност од поинаков агол да ги видам. Децата ми пораснаа, најмалата расте, јас и сопругата станавме периодов уште посплотени и силни. Тоа ми даде сила да работам на моето ново цеде кое е и јубилејно, насловено како „30 години со Миле Кузмановски“. Дел од темите се познати, а на дел се работи интензивно, што би се рекло се гледа крајот. Ја сакам мојата професија и барам можност како и во вакви услови да ја пренесам мојата музика до мојата публика. Очекувам дека моето цеде ќе даде малку свежина на македонската фолк сцена. И во меѓувреме работам и други проекти и се надевам дека наскоро публиката ќе има можност да ги види – посочува пејачот.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА