Познатите избираат: Вино или љубов

Добивај вести на Viber

Денеска, 14 февруари православните христијани го слават Свети Трифун, заштитникот на лозарите.

Католиците го слават Свети Валентин, заштитникот на љубовта, празник кој се одомаќини и во нашите средини, па младите и вљубените на овој датум разменуваат подароци и си го честитаат „Денот на вљубените“.

По тој повод ги прашавме дел од јавните личности, кој светец го празнуваат и дали се љубители на вино и кога ја слават љубовта.

Актерот Васил Зафирчев најчесто овој ден го минува работно, со претстава на репертоар и нема време за одбележување на празниците.

- Сакам вино. Претпочитам бело, лесно, питко и мускатно, но во текот на зимскиот период и раскошно црно, богато со танини.  Не ја славам љубовта, ја живеам. И тоа секојдневно, со сѐ што е дел од моето опкружување – открива Зафирчев. 

Водителката Љубица Јаневска - Ивановска ниту еден од овие два празника не ги слави. Вели дека љубовта ја живее секој ден, а виното го пие кога има поводи и дружби.

- На овој ден не правам ништо поразлично од останатите денови. Многу повеќе се радувам и многу го сакам 30 септември односно празникот Љубов, Надеж и Вера, кога всушност и ми е именден. За мене еден од најубавите празници. Не сум голема обожавателка на вино. Да се напијам една чаша вино дома после напорен ден или за да се релаксирам,  никогаш не ми се случило.  Пијам бело или розе вино и тоа разредено само за поводи или на дружби со блиските и пријателите – вели водителката која секојдневно е благодарна за љубовта што ја живее.

-Не можам да избројам колку пати во текот на денот, ќерка ми ми кажува: ,,Мама, многу те сакам”. Благодарна сум што таа љубов кон мама и тато гласно ја споделува постојано. Секое ,,Те сакам” од сопругот буди насмевка, среќа, сигурност, припадност. Ја славам љубовта на тој начин што сум благодарна што ја имам, што ја примам и што можам  да ја давам, секој ден, сѐ повеќе и повеќе – открива Јаневска – Ивановска.

Актерката Катерина Шехтанска секогаш ги почитува нашите православни празници.

-Но, Св.Трифун не го славам бидејќи не сум љубителка на алкохол. Кога бев девојка го славеа демек „Денот на вљубените“, ама не сум добивала посебно внимание или нешто специјално за тој ден . Жестоко не пијам, виното е мојот избор дефинитивно, ама не дека во него е вистината туку дека можам да го упропастам со кисела вода белото или со кока кола црвеното. И со тоа ги правам по лајт, зашто не знам да пијам. Тие што се обожаватели се и добри познавачи на виното, а јас искрено не би можела да се вбројам во нив. Искрено тапа сум не ме бива, ама во добро вино знам да уживам. Љубовта не ја славам. Знам да ја дадам и сакам да ја имам и примам, и сакам постојано да живеам со и за љубовта, без неа ништо – вели Шехтанска.

Познатата ексмис, манекенка и дипломиран стоматолог Викторија Јаначковиќ е кратка и јасна - со чаша вино секогаш наздравува за љубов, а претпочита бело вино.

Јоце Панов го почитува католичкиот Свети Валентин, но како православен христијанин го празнува Свети Трифун. Присуствувал и на традицијата, на закројување на лозје.

-Гроздот е симбол на мудроста, ние како поднебје имаме цело богатство од лозови насади. Секогаш сум за една чаша добро вино. Особено сакам да пробувам нови сорти од нашето производство, од винариите низ нашата земја. Навистина имаме квалитет. Знаете како велат: една чаша вино е превентива. И треба да уживаме во истото. Со добра музика, секако. Љубовта ја славам секојдневно. Не сум тип кој се ограничува за празници или дефинирани датуми. Мене љубовта ми е двигател во животот. Во неа ја црпам сета енергија и мотивација за секој чекор. Тоа е највозвишеното чувство и треба да уживаме во нејзиното споделување- вели пејаќот кој на 8 март ќе одржи концерт во Македонска Филхармонија со почеток во 20 часот.

-Тоа ќе биде еден грандиозен настан, по повод 25 години мое активно присуство на музичката сцена. После повеќе од 50 свои песни, одлучив дека ова е можеби најдобриот начин да ѝ се оддолжам на публиката. Во придружба на симфониски оркестар ќе испеам дел од моите песни и еден сплет, кој верувам дека на публиката многу ќе ѝ се допадне и ќе го оставам да биде изненадување.  Периодов сум целосно посветен на подготовките. Заедно со мојот тим работиме деноноќно и напорно. Публиката може да очекува една вечер полна со љубов и емоции, вечер која верувам на сите кои ќе дојдат ќе им остане во едно убаво сеќавање. Ме радува големиот интерес кај луѓето, се бара карта повеќе – посочува Панов.


С.А.Н