Познатите отворено за убавите и за тажните приказни: Стартува емисијата „Флексија“ со Јулија Цветковска

Во недела на 13 октомври, во 20.45 на ТВ 24 стартува нов телевизиски проект, „Флексија“. Автор и водител е новинарката Јулија Цветковска, која на ТВ гледачите им е позната од естрадниот магазин „Бекстејџ“, чиј уредник беше.

Јулија емисијата ја опишува како социјална, општествена, информативна, забавна, со цел да инспирира и да мотивира. Освен Јулија, во „Флексија“ ќе гледаме и прилози од новинарката Ивана Дамовска.

„Идејата за Флексија е од малку поодамна. Сакав емисија каква што би гледала и јас самата. Емисија во која соговорниците ќе се чувствуваат убаво и сами ќе добијат желба да раскажат нешто повеќе за она низ што поминале без разлика дали станува збор за среќни моменти или тага. Во која ќе зборуваат на јазик кој што сите го разбираат, без да филозофираме како треба или како не треба. Од таму тргнав и еве стигнавме до проект во кој што соговорниците навистина искрено и отворено раскажуваат за своите промени. И притоа, најважно од сѐ е што мотивираат. Ги менуваат нештата за себе и околу себе, но и за општеството“, ни раскажа Цветковска за својот нов проект.
Соговорници, додава таа има многу. Дел се познати македонски ликови, дел непознати. Сите тие преживуваат стандардни промени кои што ни се случуваат на сите нас во одреден дел од животот. Јована Филиповиќ, Васка Леонтиќ, Горан Михајловски, Маја Иванова, Снежана Лупевска Созен раскажуваат за борбата со болест, за семејството, за мајчинството, за менувањето на работата од корен.

„ Многу други непознати лица раскажуваат за сообраќајни несреќи, ин витро процедури, смрт на брачен другар, преселба во друга држава. „Флексија“ затоа што сама по себе означува јазична промена од една страна и движење од друга. Затоа што во емисијата раскажуваме за промени кои што смениле лични судбини но и иницијативи и движења кои што смениле општество, перцепција и слично“, ни изјави Јулија Цветковска која со многу посветеност влегува во новиот ТВ предизвик.
Таа вели дека во „Флексија“ ќе има место за сите кои што имаат приказна за раскажување. Според неа, многу е важно приказната без оглед на тоа каква е, да најде порака со која на крај сепак ќе мотивира.
„Целта на тимот на Флексија е да ги натераме луѓето да зборуваат, да споделуваат и убави и помалку убави приказни. Има неколку од македонската јавна сцена, кои што сакам да ги раскажеме, но ќе оставам со тек на време сами да се одважат отворено да зборуваат на темата“, вели авторката на емисијата.

Крајната цел на емисијата е низ споделување на тага, среќа, болка, радост, да научиме дека сите сме исти, без оглед на позицијата, функцијата, положбата во општеството, финансиската положба. Да покажеме дека кога е болест во прашање, сите семејства поминуваат низ исти болнички лавиринти, кога умира партнерот болката е иста за оној кој што останува. Кога се раѓа дете сите исто се радуваме. Но ако одлучиме погласно, поотворено, поискрено да споделуваме низ што поминуваме, тогаш за сите нас ќе биде полесно.

Милица Џаровска