Си памти душата

Добивај вести на Viber

Си памти душата

Се’ што и’ било сторено

Дали арно или лошо

Дали кисело или весело

Си памти и си молчи

Касапена и галена

Плукана и величана

Молчеливо се тае

И ништо не зборува

Та еден ден

Кога и нејзе чашата ќе и’ се преполни

И од неа јад ќе се излее

Знае да вресне

Толку силно што болката кине

Ти се чини надве те сече

И здивот ти го зема

Чунки некој утробата ти ја стега

Си памти душата

Сите љубови кои ја распеале

Сите лузни од туѓи поганлаци

Секој збор кој ја залечил

И оној кој засеци и’ сторил

И некојпат ќе те потсети оти болна е

Ќе те чепне за да потсоприш

И зборот да и’ го слушнеш

Ама пусто никој од нас не ја есапи

Барем не тогаш кога треба

И некој збор утешен ќе и’ фрлиме

Малку ќе ја подлажеме

И шега бесмислена ќе раскажеме

Колку да изуми оти не ја љубиме

Онака како што заслужува

Оти и таа душа има

И нејзе некојпат преку глава и’ е

И не дај боже да ја оставиш да скапува

И да се преправаш оти ќе и’ помине

Оти не минува

Та еден ден ќе се спакува и замини

Без милост и без да се заврти

А чоек без душа не го бива

Оти си памти...

Душата се’ си памти

И ќе те љуби онолку

Колку што ти си ја сакал

И колку што чест си и’ сторил

Ете затоа душа се чува

И по ниедна цена не се продава

Ниту под наем се дава

Оти и душата-душа има

И памти...не заборава