Трамвај со 30.000 сијалици, 3Д проекции на базиликата: Женски магазин во Будимпешта

Улици украсени со шарени светла, излози декорирани за да ги намамат купувачите кои ловат божиќни и новогодишни подароци. Вака накратко изгледа Будимпешта во предновогодишниот период.

Прославувувањето започнува уште со поставувувањето на новогодишните елки низ градот на неколку локации. Сè повеќе луѓе тргнуваат да бараат идеални подароци во продавниците и на божниќните маркети. 

Покрај шопингот, градот нуди и многу програми, концерти, специјални туристички тури, за да им понуди на туристите незаборавно искуство.

Впечатливи новогодишни елки

Многумина велат дека Будимпешта е еден од најубавите главни градови во Европа, особено околу Божик. Ако сакате да доживеете вистинска новогодишна магија, започнете со посета на Базиликата, Парламентот и уште неколку централни локации, каде се наоѓаат Божиќните маркети, но и новогодишните елки.

Првата е онаа на Fashion street, која гордо стои на средина на улицата, опкружена со светлечки декорации од продавниците, но и декорациите на самата улица. Како и името на ова место, елката е симбол на модата и гламурот на унгарската престолнина.

Движејќи се од Модната улица до главниот плоштад, ќе ве пречека големата зелена елка со црвени и бели украси сместена на плоштадот Воросмарт. 

Волшебното празнично дрво се наоѓа и пред базиликата Свети Стефан, каде е поставено и лизгалиште за деца. Скоро 20 метри висока зелена елка, го краси и просторот пред зградата на Парламентот, до која е поставена сцена од Христовото раѓање.

Божиќни саеми

Будимпешта има помали и поголеми Божиќни пазари, кои обично се отвораат околу средината на ноември и се затвораат на крајот на декември (31 декември) секоја година. Двата централни пазари привлекуваат илјадници посетители и се најспектакуларни.

Најубав, најстар и меѓународно признат Божиќен саем во Будимпешта е Божиќниот пазар на плоштадот Воросмарт во срцето на градот (постои од 1998 година). Имено ова е и местото каде секоја година Дедо Мраз пристигнува од Лапонија и се дружи со децата. На саемот ќе пронајдете тезги со декорации, украси, играчки, сувенири, локална храна и пијалоци.

Божиќниот дух искри пред најголемата катедрала во Будимпешта, базиликата Свети Стефан, каде е поставен уште еден од главните Божиќни саеми. Ги пречекува посетителите со пријатни подароци, вкусна унгарска и интернационална храна.

Вечерните часови овде се резервирани за анимираните 3Д проекции на базиликата, па така со чаша варено вино, добивате и 3Д наочари за комплетно уживање.

На двата саеми бесплатните атракции се исто така достапни за сите возрасти - вклучително и уметничко лизгање за деца кај Базиликата, во централното лизгалиште, што опкружува прекрасна елка.

Исто така бесплатните концерти се одржуваат во текот на целиот период на двата саеми.

За зачувување на животната средина, продавачите на храна користат еко чаши, чинии и прибор за јадење, додека отпадот се рециклира.


Во самата Базилика, божиќниот дух се одржува со хуманитарните концерти.

Празничните Божиќни саеми ги презентираат креативноста и талентот кај младите, но и постарите занаетчии и ракотворци на Унгарија, кои навистина ги изработуваат своите производи со многу љубов, грижа, носејќи традиции кои опстојувале и опстојуваат долги години, меѓу кои традиционално унгарско везење и работата со тантела..

Она што ги прави Божиќните саеми во Будимпешта навистина примамливи и уникатни, е фокусот да се зачува автентичната унгарска народна уметност, традициите и да се понудат рачни изработки, пред комерцијализираните copy paste  Божиќни подароци.

Што да посетите

Ако планирате Божиќните и новогодишните денови да ги поминете во унгарската престолнина, градот нуди богата програма за сечиј вкус.

1. Одете на Божиќното крстарење по Дунав, каде на бродот ќе уживате во празничната вечера и унгарска музика на 24 ти декември. Турата трае два часа, а вие ќе уживате и во светлата на градот, погледот кон Парламентот, Националната галерија и многу повеќе.

2. Симфонискиот оркестар изведува празничен концерт на 27-и и 30-ти декември во палатата Дунав, прекрасна, историска зграда во центарот на Пешта, близу до речното корито.

3. Посетете го фестивалот Светлата на Божиќ во еден од најпрестижните храмови во градот, црквата Матијас во замокот.

4. Трамваите во Будимпешта се претвораат во шармантни Божиќни возила на неколку  линии, а најинтересни се оние украсени со околу 30.000 лед сијалички.

Најубава е рутата на трамвајот 2 затоа што поминува покрај дунавското шеталиште. National geographic го стави на првите места на листата на најинтересни превози од целиот свет.

Божиќните трамваји возат од 16 часот од почетокот на декември, па се до почетокот на месец јануари.


Целиот град за време на празниицте дише со посебен ритам. Се слуша звукот на празничните концерти и песните за време на  Адвентот во црквите во Будимпешта.  По купувањето низ многубројните продавници, посетителите опуштено уживаат во мелодиите изведени на оргуљи, се размислува за значењето на празниците, се посветува времето за најблиските.

Не заминувајте пред да си купите некоја убава унгарска ракотворба, пред да вкусите унгарски деликатеси и пред да се затоплите со чаша варено вино (оваа година јас го избрав она со вкус на боровница). 

Неда Маретиќ