Тргнете ми ја жена ми од пред очи, зашто ќе ја фрлам во Вардар
Букетите цвеќиња поставени на некој агол од домот, се потсетник дека помина уште еден празник на жената. Тие ќе овенат и ќе завршат во корпа за ѓубре, а просторот ќе биде заменет со нов детаљ.
Дали ние жените сме метафора на цвеќето. Имаме ли само еден ден во годината кога сме „центар во домот“ или на светот? Колку ветувањата за подобрување на статусот и положбата во општеството завршуваат во отпад?
Генерално, во современото општество, остварен е значаен напредок во еманципација на жената на сите подрачја и простори од глобусот. Сепак, постојат многу искушенија и пречки, за нејзината слобода и афирмација.
Жената, денес се наоѓа во противречна и парадокслана ситуација. Од една страна секогаш се потврдува нејзината улога како столб на семејниот и општествениот живот. А на друга страна постојат бројни обиди жената да се потисне од главните токови и да се оспори нејзиното значење , улогата и влијанието во општеството. Продолжува потискување на жените во економската сфера, потешко се вработуваат, послабо се платени. Се почеста е појавата на понижувањето на жените на работното место. Изложени се на притисоци и злоупотреба. Потиснувањето на жените продолжува и во политичкиот живот. Показатели за тоа се нивната нерамноправна и непропорционална застапеност во партиските раководства, парламентот, извршната и управната власт.
Нерамноправност во културата и уметноста дава уште една димензија на вкупното одалечување на жената од главните општествени токови . Ако се погледнат бројните награди кои се доделуваат во уметноста и книжевноста , се забележува дека ретко ги добиваат жените. Тоа го потврдува и информацијата која неодамна го обиколи светот. Режисерката од Кина , Клои Жао, по 37 години е првата жена која освои статуетка „Златен глобус“, за режија. Единствената жена пред неа е Барбара Стрејсенд за музичката драма „Јентл“.
И во Македонија остварен е значаен напредок во еманципација на жената на сите подрачја и простори. Но, далеку од тој што го посакува или барем наликува на припадничките на понежниот пол во поразвиените и побогати земји.
Постојат неколку ситуации со кои можат да се истоветат. Тоа се семејното насилство и разводот.
Последните податоци говорат за зголемено семејно насилство
Насилството на жените е проблем за кој изгледа не може да се најде решение. Во 21 век жените се исложени на семејно насилство речиси секојдневно. Тоа може да биде било која жена, вашата фризерка, докторка, најдобра другарка, соседка. Или може да биде светска ѕвезда како Тина Тарнер и Кристина Агилера, или балканска како Наташа Беквалац или Гоца Тржан. Тие јавно прозбореа за своето искуство со семејното насилство. Нашите жени молчат и за ова. Но, прераскажуваат ситуации на оваа тема. Една од нив е следната, која се случила во една скопска населба. Неделно, пролетно, карантинско, попладне. Надвор се слуша само цвркотот на птиците и шумот на Вардар. Одеднаш тишината ја прекинува машки глас, кој вреска толку силно што го слушаат луѓето во становите од другата страна на реката „Тргнете ја жена ми од пред очи, зашто ќе ја фрлам“. Крајот на оваа ситуација е непознат, но во наративот завршува со типичната македонска констатација „Лелелееее, сирота жена“.
Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова, социолог, Филозофски факултет Скопје, посочува дека насилството врз жената и во современото македонско општество и во ерата на глобализација и развој во секој општествен сегмент, не само што не го губи здивот, напротив, уште повеќе се етаблира.
-Последните податоци ни говорат за зголемено семејно насилство и тоа од сите облици. Жената и денес е жртва на физичко, сексуално, емоционално, вербално, сајбер насилство. Навистина ужаснуваат бројките на жртви на семејно насилство, посебно во време кога интензивно се работи на еманципација на жената и зголемување на женските права. Од социолошки аспект не постои еден фактор, туку има неколку клучни компоненти кои придонесуваат за зголеменото семејно насилство - не регулиран станбен статус на жената. Кај нас се уште најголем дел од имотот е на име на мажот и во услови на насилство, жената иако малтретирана, подложна на секаков вид на болка, треба да бара уточиште. Во некои западни земји во услови на семејно насилство мажот, без разлика на чие име е домот, веднаш го напушта, а жената е таа која останува во него – посочува Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова.
Многу жени и девојчиња молчат заради осудата од средината
Клучна компонента е и материјална егзистенција. Според професорката, доколку жената не е вработена, нема посебни регулативи за помош при вработување на жртвите на насилство, под итно треба да се направи национална програма за тоа. Дури и ако побара работа, раскажувајќи ја нејзината тажна семејна приказна, може да биде злоупотребена од сопственикот-директорот.
-Традиционализмот е се уште длабоко вкоренет во нашето општество. Имено, многу жени и девојчиња молчат заради осудата од средината. Истражувањата и реалноста кај нас покажуваат, посебно во помалите средини, дека подобро е да се скрие насилството отколку јавно да се проговори за тоа. И самите жени ја прифаќаат улогата на жртва со цел сокривање на реалноста.За време на пендемија, кога сме затворени во домовите во четири ѕида, тие кои се склони кон агресија, го исполуваат тоа чувство преку лажни профили и закани кон жени и девојчиња со гнасни и вулрагни содржини. На медиумите малку се говори за третманот на жртвите и нема доволно охрабрени жени кои биле жртви да говорат јавно и да ги охрабрат другите. Малку од жртвите се охрабруваат да посетат стручна служба, психолог, психијатар, социолог, кој ќе работи на нивна ресоцијализација и помош за надминување на траумите – вели професорката и дополнува дека траумите што ги доживуваат жртвите се страотни.
-Бројките покажуваат дека девојчиња кои биле сведоци на семејно насилство околу 17 % не стапуваат во брак и имаат аверзија кон спротивниот пол. Дел од нив 11% се однесуваат пак потполно покорно прифаќајќи ја и тие улогата на жртви. Дел од нив 7% стануваат промискуитетни и се оддаваат на блуд. Многу страшни и далекусежни последици има по секоја жртва кои оставаат длабоки траги и во нивната психа и во нивниот социјален живот -открива Стојаноска Иванова.
Според професорката, за да им се помогне, мора да се работи во континуитет со жртвите, да се отворат, да бидат транспарентни, да прифатат стручна помош. Мора и да се работи на кревање на свеста за траорните последици кои ги имаат жртвите, дека тие се човечки битија кои трпеле терор, шамари, психолошка тортура, морале сексуално да општат со брачниот другар и кога апсолутно не биле сексуално возбудени, морале да голтаат кнедли заради децата.
-Стрaшната судбина на жртвите на семејно насилство мора да се прикаже реално, беа табуи, без предрасуди и стереотипи и не само еден ден да се говори за тоа туку континуирано. Само со реален приказ ќе се поткрене свеста на луѓето, ќе се охрабрат жените и ќе се охрабрат и законодавците да сменат нешто во законските регулативи со кои ќе се поткрепи статусот на жената-жртва на семејно насилство – завршува Стојаноска Иванова.
Психичката војна која се води во секој развод е голем товар
По разводот жената останува без помалку приходи и со деца, а мажот со пари и со намелен интерес за децата. Главна вест во балканските медиуми пред една недела беше дека Емина Јаховиќ (39) законски ќе бара правда затоа што нејзиниот поранешен сопруг Мустафа Сандал не плаќал алиментација за неговите синови Јаман и Јавуз 26 месеци.
„Целата моја борба не е само за мене, туку за оваа скала на правда да работи во полза на сите жени во оваа ситуација. Законот во Турција ги штити жените во оваа ситуација“, изјави Јаховиќ за балканските медиуми..
Со идентична ситуација се соочуваат и нашите разведени жени. Но, тие не се борат јавно.
Адвокатката Маја Кецман, нагласува дека разведената жена се соочува со проблеми поврзани пред се со финансиските средства.
-Не може да обезбеди стан за себе и нејзините деца, а киријата за изнајмување е голема. Трошоците за месечната егзистенција се огромни и не може да се покријат ни со висока плата. Разведената жена често не може да се врати во домот на своите родители. Психичката војна која се води во секој развод е голем товар. Ја уништува и психичката траума низ која поминуват нејзините деца. Најчесто успева да земе половина од имотот стекант во брак, но само ако е упорна во судската постапка која следува после разводот за делба на имот стекнат во брак. Таа постапка бара нерви за докажување колку една жена придонела во заедничкиот имот и бара финансиски средства за водење на самата постпака – вели Кецман.
Адвокатката појаснува дека во пресудта за развод се наведува и алиментацијата. Судијата и адвокатот го предупредува брачниот другар задолжен за плаќање на алиментација дека постојат законски одредби кои може да ги употреби спротивнта страна,жената.
-Ако мажот не плаќа алиментација, кај нас тоа е кривично дело од чл.202 неплаќање издршка од Кривичниот Закон, казниво со парична казна или со затвор до една година. Но, најчесто се изрекува условна осуда, под услов ако ја исплати заостанатата алиментација – посочува Кецман.
Основното прашање кое се наметнува е кој и како и може да и помогне на современата македонска жена да го поправи статусот и положбата во општеството. Ако се исклучат поединечни акции, ставови и пораки, жената треба да се потпре и на самата себе. Да гради историја на отпор и борба за подобрување на положбата и за проширување на полињата на еманципација. И што е најважно, таму каде што стоело осмомартовското цвеќе да постави детаљ, кој секој ден ќе потсетува на неа и ќе биде „центар“ во домот.
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Инстаграм-официјални профили (Емина Јахович, Кристина Агилера, Тина Тарнер, Наташа Беквалац)