Владимир Дојчиновски: Влатко имаше срце какво што малкумина имаат
Влатко Илиевски планирал големо враќање на музичката сцена. Трагично починатиот пејач и актер во април годинава самиот откри дека во фиока има најмалку триесет необјавени песни, демо-снимки или комплетно снимени рефрени. Негов долгогодишен пријател и соработник е и докажаниот автор Владимир Дојчиновски - Дојчин кој ни потврди дека има необјавен материјал со Илиевски.
- Да, имам неколку снимки што не се пуштени во јавноста, но сега мислам дека не е момент ни да размислувам на тоа - вели тој.
Дојчиновски е новиот уметнички директор на „Макфест“, фестивал на кој Влатко редовно настапуваше. Открива дека за претстојното издание во октомври имале неколку идеи со Илиевски што сакале да ги реализираат.
- Размислувавме дека ни треба добра забава во шоу-програмата, а он беше мајстор за на секоја сцена, неверојатно талентиран за контакт со публиката. За жал, сите планови веќе пропаднаа - емотивно раскажува Дојчиновски.
За јавноста Илиевски беше урбано момче секогаш расположено за комуникација, пријател со сите, речиси за ништо не им замеруваше на новинарите. Дојчиновски објаснува дека речиси идентично се однесувал и позади сцената.
- Имаше слабости и маани како и сите други, но имаше срце какво што малкумина имаат. Се грижеше за сите нас кога нешто не беше како што треба - објаснува тој.
Владимир не сакаше да зборува за немилиот настан, ниту да се навраќа на неговата последна средба со Илиевски. Вели дека убавите моменти поминати со него ќе му останат како едни од најубавите животни спомени.
- Влатко беше икона на градскиот живот, икона на Скопје, икона на „Златно славејче“.. Македонски пејач кој прв ја наполни големата сала во „Борис Трајковски“, човек кој учестуваше на секој хуманитарен концерт, човек кој што ќе фали многу. Имаше музика во себе најмногу од сите нас. Знаеше историјат за поп-музика многу повеќе од мене. Мислам и дека ретко кој друг знаеше толку многу - завршува Дојчиновски.
Ѓорге Стојанов