Заборавив на стравот и на ризикот кога го видов син ми: Се породи водителката Александра Велинова

Водителката и презентерка на ТВ 21, Александра Велинова, роди син. Алексеј е второ дете на Александра и на нејзиниот сопруг Оливер. Постариот син Стефан има седум години. 

„Одлично се чувствуваме и јас и бебето. Најпрво имаше солзи радосници, па плач од кој по не знам кој пат си го поставуваш прашањето: „Како може природата да направи толку совршено организиран систем?", дали е сѐ во ред и „Да, јас сепак можам да сакам некого колку Стефан“, ни изјави водителката.

Александра е искрена кога вели дека пред породувањето чувствувала страв дали сѐ ќе помине во најдобар ред. 

„Царскиот рез сепак не е наивна работа. Поминав многу подобро отколку што мислев. Секако дека постои страв, и ризик. Ама кога е во интерес на бебето јас сѐ ставам во втор план. Се плашев, но заборавив на стравот и на ризикот кога го видов син ми“, откри Велинова.

Таа вели дека постариот син Стефан, на братот му се израдувал како на исполнета новогодишна желба. „Дедо Мраз беше многу експедитивен и умен, очекуваме и годинава да биде таков“, додаде водителката која во претходен раговор за Женски магзин изјави дека синот си нарачал братче за Нова година.

„Кога бев во четвртиот месец, ми кажаа дека носам девојче и Стефан малку се разочара. Но веќе во петтиот месец кога рекоа дека сигурно ќе биде машко, беше прескереќен. За Стефан знам да кажам откако се роди сите сакаме на него да личиме. Алексеј ми личи на Стефан кога се роди, а уште е мал за да знаеме точно“, ни раскажа Александра. За крај, таа додава дека е среќна што името Алексеј има убава симболика, значи бранител и заштитник.

М.Џаровска