Загина во кобна сообраќајка, но остана ненадмината: Сашка Петковска, бисерното грло на Македонија
Нејзиниот милозвучен глас и денес создава морници, а музиката која ја остави сведочи за нејзината големина. И токму кога беше во врвот на својата кариера во Македонија, не‘ напушти засекогаш.
Сашка Петковска почина 31 август 1983 година. Таа беше една од девете жртви во тешка собраќајна несреќа која се случи кај селото Градобил, на патот Куманово - Свети Николе. Животот го загуби премлада. Имше само 32 години...
Во 70-те години на минатиот век беше голема музичка ѕвезда и модна икона која остави богато музичко наследство зад себе. Почнала да пее со група во Битола и набрзо настапила во Италија на познатиот фестивал во Сан Ремо, во неговиот дел за млади пејачи Кантаџиро (Cantagiro), на кој освои трето место. Настапувала со голем број познати солисти (К. Слабинац, Нови фосили, З. Чолиќ, Седуммина млади) и соработувала со познати автори на популарна музика (С. Димитров, К. Костов, Д. Масевски и др.). Учествувала на скопските фестивали. Снимила педесетина песни за продукцијата на МРТ, од кои дел беа хитови (“Што ли да ти кажам“; “Песно моја“; “Може ќе те сретнам“; “Најмил мој“ и др). Покрај солистичката кариера, беше член и на групата “Македонија“.
Потоа следуваат нејзините настапи на сите фестивали на забавни мелодии во нашата земја, како и учество на „Златен Орфеј“ во Бургас, Р Бугарија. Добива повеќе награди и тоа: Прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“ во Суботица, Втора награда за интерпретација на „Толку љубов“ во Бургас, Прва и Втора награда на Фестивалот за забавни мелодии – Скопје за „Никогаш, никогаш“ и „Бакни ме“.
Зад себе има шеесетина снимки, неколку емисии на просторот на бивша Југославија, на Радио Скопје, шоу емисии и настапи на ТВ Скопје, ТВ-шоу на австриската телевизија и снимка за Интервизија. Исто така и таа има успешни настапи на националните телевизии на Бугарија, Советскиот Сојуз и Полска.
Најголем успех Сашка постигнува со композициите: „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Грижа“, „Среќна сум што живеам“, „Чувство“, „Чао, адио“, „Запри срце“…
Сашка Петковска станува сопруга на познатиот естраден работник и менаџер Марио Липша, кој долги години беше на чело на најпознатата естрадна институција во Македонија, здружението на естрадни уметници „Естрада“.