Ана Бунтеска: Земјо моја љубовна

Добивај вести на Viber

Колку што си ти голема

Толку сме мали во умовите

Колку што си ти достоинствена

Толку сме недостојни за тебе

Колку што си ти богата

Толку сме сиромави во срцата

Колку што си ти несебична

Толку сме стиснати во душите

Колку што си ти дарежлива

Толку сме грабливци ненаситни

Колку што си ти плодна

Толку ни скапува семето

Колку што ни ги простуваш гревовите

Толку поголеми грешници сме

Земјо моја љубовна

Земјо моја напатена

Земјо моја...непребол

Те плукнавме

Те згазивме

Те искрадовме

Те огрдевме

Те распарталивме

Те онемевме

Те ослепевме

Те прелажавме

Те предадовме

Земјо моја љубовна

Земјо моја напатена

Земјо моја...непребол

А ти...

Дом ни даде ко закрила

Земја ровка ко постела 

Небо ко прекривка

Овошки за најаска

Вода изворска ко нектар медена

Жито за тазе леб

За ненајадени да не останиме

За жедта да ја изгасиме

Да има каде да се вратиме

Коските во твоите пазуви да ни ги закопаат

За да не ни се запусти името

За да не ни го избришат презимето

Земјо моја љубовна

Земјо моја напатена

Земјо моја...непребол

Бел ден од нас не виде

Дерман не ти дадовме

Како да не си ни една и единствена

Како да може човек без дом да преживее

Како да не ќе останиме сирачиња без тебе

Замјо моја љубовна

Земјо моја напатена

Земјо моја...непребол

На сета нељубов кон тебе

Уште со љубов ни враќаш