Жена ми ме остави со три деца, спиеме на земја, немаме мебел, вода и струја: Ице Спасовски за животот во сиромаштија

Се оженил со жената што ја сака. Станале родители на три деца: Живко (19), Александра (16) и Анастасија (14). Но, уште во првите години од бракот, не успеале да се снајдат. Имале мали приходи, кои не можеле да ги задоволат потребите само на едно дете. Ице Спасовски (43) од Куманово, верувал дека љубовта ќе ги надмине сите проблеми. Ќе најде работа која ќе му донесе поголеми примања. Но, тогаш го доживеал најтешкиот удар.

- Жената ме напушти, таа бараше удобен живот и ме остави сам да се грижам за нашите деца. Живко тогаш имаше девет години, Александра четири, а Анастасија една година помалку. Ги зеде двете девојчиња, ги однесе во Центарот за социјална работа, ги остави во една соба и побегна. Кога ми се јавија од Центарот ме прашаа дали ќе ги земам децата или да ги однесат во Домот за деца без родители. Не прифатив, им реков дека сам ќе се грижам. Жена ми отогаш повеќе ниту се јави, ниту не побара. Сам ги исчуваав децата до денес, со големи маки, во немаштија. Живееме без струја 15 години. Сам се борам. Не сум побарал помош од никого. Во куќата има влага, сѐ е старо и недоправено. Немаме купатило. Немаме мебел. Спиеме на земја. Немаме канал, вода, сѐ што е најбитно - вели Спасовски.


Тешките услови за живот, прекумерната работа и проблемите влијаеле врз неговото здравје.


- Станав инвалид, неподвижен за работа. Пред 25 години живеев на улица. Студот и стресот си го направија своето. Прво ми се укочи ногата, а потоа и кичмата. Болен сум од исијаш. Можам да одам само 50 метри и паѓам. За да поминам улица, треба некој да ми помогне. Не можам да спијам од болки. Примам помош од државата 10 илјади денари месечно. И тоа е сѐ. Немаме никаква покуќнина, ниту пак нешто е средено како што треба. Додека бев здрав успеав да им направам само една соба на децата. Помалата ќерка не оди во училиште, зашто е болна. Кога беше мала, ја фати струја од голи жици. Ама остана жива, му благодарам на Господ. Сега има главоболки и вртоглавици, многупати паѓаше во несвест. Ама немам пари да одам на лекар и да видам што ѝ е. Има и голем белег на образот. Со надеж во Бога, кој како може нека помага. Бог како што е, никој не е – Ице го завршува нашиот разговор со верба дека има добри луѓе кои ќе му помогнат. 

Соња Алексоска Неделковска