„Живеам во Германија 15 години, имам супер работа, добра плата, стан, прекрасно семејство. Но ...“

Својата исповед за доаѓањето и животот во Германија, во која живее веќе деценија и пол, во Фејсбук групата „Нова иднина во Германија“ ја објави Ивана.

Како што вели, денес животот и е убав, но за да дојде до тоа, морала добро да се намачи. Еве го нејзиното искуство, пишува Croexpress

„Се викам Ивана и живеам во Инголштат веќе 15 години. Дојдов на 19 години сама и со три куфери овде, кај моето момче (имаме син и сме разделени). Јас тогаш знаев јазик, оној што се учи во училиштата во Хрватска. Не ми беше признато школото за геодет кое го завршив во Хрватска туку само 'Mittlere Reife' - како кога во Хрватска завршиш основно училиште.

Дојдов во едно Германско, подобро кажано, баварско семејство, каде никој не знаеше да зборува хрватски. Бев по цел ден сама бидејќи мојот маж, свекор и свекрва работеа. Морав сама да одам во продавница, пекара, месара ... И морав сама да се грижам да ми се признае дипломата, и да се пријавам и се тоа. Не затоа што никој не сакал да ми помогне, туку затоа што сите работеа по цели денови (...) и бидејќи морав, го научив јазикот толку добро што после пет години никој повеќе не слушна дека не сум од овде. И тоа ми беше среќа, да морав така.

После разводот бев самохрана мајка без школо и со работа во пекара за 400 евра. Во тој момент бев среќна што го знам јазикот. Се изборив за целата помош која можев да ја добијам, тргнав во уште едно школо (Ausbildung)  за технички цртач, завршив и имам веќе две години супер работа со добра плата, супер стан, прекрасно семејство.

Зошто ви го кажувам се ова?

Затоа што многумина од вас (не сите, но по мое мислење премногу) сакаат да дојдат во Германија, да имаат добар живот, да живеат во еден голем град (на пример Минхен); да имаат супер стан, да го живеат животот ... веднаш кога се дојде и тоа со лошо или никакво знаење на јазикот.

И не само тоа, туку уште веднаш, кога се дојде овде, не се обидува да се научи јазикот туку повторно се бараат Хрвати и повторно само се зборува хрватски. Немојте да се лутите што го кажувам тоа, но ако сакате да одите во друга држава бидејќи таму ќе ви биде подобро, мора да го научите најважното, а тоа е јазикот. Замислете само да сте на разговор за работа во Хрватска. Двајца кандидати сте. Вие сте Хрват, имате факултет, јазикот ви е мајчин. А оној другиот е од друга земја, за школо нема поима што учат тие таму и како, а за јазикот едвај се снаоѓа. И тој ја добива работата . Како ќе се чувствувате вие? Размислете за тоа. Немојте да го правите она што не сакате вас да ви се случи. Тоа ме научи мојата покојна најдрага баба. Не му посакувам никому зло, и би ми било најдраго секој да може да биде среќен и задоволен. Но затоа, мора многу да се работи и тоа сам, а не да се очекува се нешто од други“.