„Зошто јас преживеав, а не тие?“ – Синдром на скриена вина: Нормална реакција по траума, велат психолозите

Македонија е во денови на жалост. Ваквата одлука следеше откако во голем пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 луѓе, помеѓу кои поголем број деца, а на 150 се повредeни.
Во моментов Македонија е во колективна траума, за која психолозите велат дека во моментов целата јавност е во првата и втората фаза. Дел од оваа фаза е солидарноста, херојството, хуманите постапки, но сè уште трае и фазата на шок.
Психологот Ивана Хаџииванова на социјалните мрежи споделува куси совети како прва психолошка помош за време на трагедија:
*СИНДРОМ НА ПРЕЖИВЕАН - СКРИЕНА ВИНА ПО ТРАГЕДИЈА
Луѓето кои преживеале групна трагедија често чувствуваат вина што тие се тука, а некој друг не е. Чувството на вина е нормална реакција на траума.
Зошто јас преживеав, а не тие?
Можев ли да направам нешто повеќе?
Дали заслужувам да продолжам со нормален живот?
Психолог Хаџииванова вели дека ова е природен, но тежок психолошки феномен.
„Чувството на вина не значи дека сте виновни вистински. Разговарајте со некого кому му верувате. Побарајте професионална поддршка ако вината премногу и долго ве оптоварува“.