Ана Бунтеска: На сон ми идиш

Добивај вести на Viber

На сон ми идиш

и во сон ми се распостелуваш

та заседнуваш и муабетиш

ко никојпат збор да не сме скршиле

ете така ќе ти текни

и на сон ќе ми дојдиш

од сон ќе ме разбудиш

со срце в грклан и душа на конец

па ќе подголтнам за в гради да го вратам

и до зори будна седам

некогаш овци ќе бројам

(демек пак за да заспијам)

а некогаш деној бројам

низ умов заедничките ги вртам

и сама на себе ќе си се налутам

та се трудам на лошите да се сетам

ама пусто никако на јаве да ми дојдат

на сон ми идиш

безобразно и дрско в сон ќе ми влезиш

тазе избричен и со замазнета коса

намирисан и убав

токму онаков каков што не смееш да дојдиш

и денот после никаков ми е

ниту на овој, ниту на оној свет сум

ниту јадам, ниту вода пијам

само чекам да минеш

а ако инает ме фати

за покусо да не останам

за да видиш каква мака со тебе си имам

и јас тебе некогаш на сон ти идам

стокмена и спастрена ко за на корзо

и карши тебе седнувам

си молчам и те гледам

малку погано се радувам дур се мачиш

та после жал за двајцата ме фаќа 

и ќе потстанам за да си заминам

маките и мои и твои да ги скратам

а ти рака по мене ќе пуштиш

и не ти се дава од сонот да ти излезам

така до утрината седиме

молчиме и се гледаме

и ко да се надеваме

(или така мене ми се чини)

дека на сон конечно се’ ќе си кажеме

дури и она што јаве никогаш не можевме


За Женски Магазин, Ана Бунтеска