Ана Бунтеска: Доволно блиску, доволно далеку
Џамот отворен го оставивме
И трошки леб за птиците стокмивме
Да им се најдат кога снегот ќе навјаса
И кога црцорот ќе им стивне
Од тага, од студ
Ширум сите ќепенци ги ракриливме
За светлина да ни влези
За зрак сонце коски да ни стопли
Пред да ни замрзни мислата за среќата
Од која поткаснувавме за да не огладниме
Излеговме низ вратата на која нема плочка со име
И која крцка дури и тогаш
Кога никој не влегува или излегува
Како да сака да ни раскаже приказна
За дома да се вратиме
Ги избришавме чевлите на заминување
Како да живееме надвор
Некаде каде што четири ѕида нема
И каде што не вдишуваме прашина
Од која градите ни мемлосуваат
Каде ли младоста ни отиде
И каде староста ќе ја дочекаме
Кога огништето од ветрот ни згасна
И ќебињата полни молци ни се
Како душите кои со дупки ни останаа
Шупливи и со провев од кој се поболевме
Та ниту иљач имаме
Ниту иљач бараме
Како помирени оти еден до друг не припаѓаме
Та некако си велам
А можеби и ти така си мислиш
Оти и ние како птиците сме
И ќе слетаме на нечиј прозорец
Колвајќи надеж и чекајќи ја пролетта
Со верба дека нешто ќе се смени
И дека спокојот таму некаде е
Зад една зима која допрва доаѓа
Зад еден страв од кој полуживи сме
Зад една љубов која ја закопавме
Зад мојот бол
Зад твојата тага
Некаде таму...доволно блиску, доволно далеку
За Женски Магазин, Ана Бунтеска