Ана Бунтеска: Дување во ветер

Добивај вести на Viber

 Дување во ветер 

(Blowing in the wind)

Ја побарав радоста низ побелените мисли

Иако знам, сепак знам

Дека ништо повеќе како порано не е

Јас, некој друг сум

Ти, одамна истата не си

Дури и спомените вкусот го смениле

Та наместо шеќерни, солени станале

Ништо, ништо повеќе исто не е

Ниту како некогаш ќе биде

Кога во истиот ритам дишевме

И живот издишувавме

Само ветрот кој ни ја однесе младоста остана ист


 Дива

(Diva)

Си ветив дека ќе заминам со песна

Накитена како за ноќ љубовна

Со душа која ќе блика од младешка радост

И оган во очите за да ја стопли зимата

Во која знам дека моето време ќе дојде

Без каење и вртење назад

И со музика наместо тажачка

Си ветив дека не ќе ми остари желбата

Дека не ќе ја продадам страста

За година или две привиден мир

Ниту  дека смртта со страв ќе ја дочекам

Ќе заминам на небото како ѕвезда


Кубанецот

(El Cubanchero)

Џабе сето азно на светот

Дадено без душа и милост

Со кротка насмевка и сјај во очи

Џабе раце наредени со прстени

И бисери на вратот кои стегаат како ортоми

Ако љубовта останала само празен збор

Џабе е да имаш, а како да немаш

Кога има провев меѓу две тела

Од кој коските шупливи стануваат

Малку, многу малку е потребно за среќа

Скапоцена е дланката која подарува цвет


 Сè ќе биде во ред

(Everything is going to be all right)

Ќе мине и добро ќе сме

И облаците тешки ветар ќе ги одвее

Сонцето ќе го исуши дождот

Тагата ќе ја соџвакаме како карамел бонбона

И ќе ги проголтаме сите горчини

Како да не биле, како да не постоеле

Поттурнати со голтка добро вино

Ќе мине и добро ќе е

Патот до среќата ќе го изврвиме

И сите препреки ќе ги прескокнеме

Заедно, како секогаш...ти и јас

Знаеш? Се’ ќе биде во ред, знаеш нели?


 Мојот омилен велосипед

(I want to ride my bicycle)

Те чекав

Стокмена и со жар во срцето

Со сета љубов во која местото ти го најдов

И себе до тебе како во слика се сместив

За да траеме и да истраеме

Те чекав

Исправена пред сите искушенија

Кои ги оставив да одминат покрај мене

Со крената глава и поглед вперен удолу

За чекорот да ти го пронајдам

Времето застана само за миг кој траеше вечност

Те чекав...


  Кралица

(Queen of the hill)

Ги повикав дождовите да го одмијат градот

Кој замириса на застоени умови

Го повикав ветрот да ги однесе лошите мисли

Кои ги удавија сите наши копнежи

Го повикав возот кој одеше во иднината

За да не му се враќам на минатото

Ја повикав секоја причина за да останам

А во која се обидов надеж да најдам

Ги повикав птиците да се вратат

И да ја донесат песната која оглуве меѓу нас

Во градот кој врескаше од звуци, не ми го слушна гласот

Те повикав...тивко и во себе


*песните се напишани за изложбата која се одржа на 05.09.2022
*фотографиите се дело на Димитар Бојаџиев

За Женски магазин, Ана Бунтеска