Ана Бунтеска: Ќе ти се вратам
Ќе ти се вратам во едно друго
Во едно ново време
Навидум иста
Како да не ми остарела младоста
Та ќе си помислиш ко вчера да било
Кога збогум сме си кажале
Како да не минале години
Кои векови се сториле
А низ нив многу вода протекло
И многу луѓе изврвеле
Ќе ти се вратам после сите изодени патишта
И патокази кои грешни биле
После дождовите кои ги чекавме
И ветровите по кои копнеевме
Небаре умовите ни се проветрија
Олеснети од мисли тешки
Кои ги отплакавме и отплаќавме
Како долгови од минати животи
Во кои казнети сме биле
Ќе ти се вратам
Тогаш кога на мене ќе подзаборавиш
Како да си ме сонил
Како на јаве да не сум ти се случила
Кога мирисот мој ќе избледи
Чунки тој најдолго останувал
Како жиг на нечие присуство
Ќе ти се вратам
Еден ден кога сеедно ќе е
Дали сум си дошла дома
Или нечија друга смеа
Гргори меѓу твоите четири ѕида
Ете тогаш, тогаш ќе ти се вратам
Како клетва од која бегање нема
Како кошмар кој се повторува
Како болест која само се притаила
Така и тогаш ќе ти дојдам
За да не знаеш ниту што со себе
Ниту што со мене да правиш
Да не те собира ни ваму ни таму
Ни овде ни онде
Секаде тесно и широко да ти е
Да те гуши денот
Да те притиска ноќта
И спокој да не најдеш
Ниту во изгрејсонцето
Ниту во зајдисонцето да одмориш
Тогаш
Тогаш кога љубовта ќе ја заборавиш
Тогаш ќе ти дојдам, ќе ти се вратам
За Женски Магазин, Ана Бунтеска