Ана Бунтеска: Ноќта кога заминав

Добивај вести на Viber

Ноќта кога заминав

Беше сосем обична вечер

Без наговестување на бура

Без трага од благ ветар

И ниту капка дожд

Ноќта кога се спакував

Не ги извадив сите фустани

Не се мислев 

Што да ставам во куферот

Ниту диплев онака

Како што ме учеше баба ми

Туку само ги натрупав сите бескорисни нешта

Кои и онака не ми требаа

Ноќта кога одлучив да си одам

Вечерата беше топла и вкусна

Виното ладно

Десертот во фрижидер

А јас далеку во мислите

Стокмена во долг фустан 

И високи потпетици од кои стапалата ме болеа

Таа ноќ

Таа ноќ кога бев замината, а се’ уште тука

Ти не го примети моето отсуство

Ниту збогувањето 

Завиткано во свечена салфета

Ниту во приборот 

Поставен на совршен начин

Небаре вечераме некаде надвор

Ноќта кога куферите стоеја надвор

Како гости пред влезната врата

Ти не се препна од нив

И не забележа дека само ги пречекори

Како да беа туѓи

Како да беа врзани кеси со смет

Ноќта кога излегов 

Ноќта кога никогаш повеќе не се вратив

Бев замината години наназад

Само што тогаш со ножици ја пресеков

Нашата одамна атрофирана папочна врвца

Ноќта кога од нас ништо повеќе не остана

Беше ноќ во која и двајцата

Заживеавме нов живот

И ги оставивме спомените во врзоп

Некаде во подрумот

Меѓу старите алишта и покуќнината

Таа ноќ

Клучот го оставив во сандачето

Заедно со писмото

Во кое немаше ниту еден збор

А кои сега ги читаш

За да ти кажам 

Прости што заминав без збогум


За Женски Магазин, Ана Бунтеска