Ана Бунтеска: Оваа чудна љубов нема име
Во коскиве ми виеш,
телото ми го дробиш,
кожата како ноќница ми ја соблекуваш,
во твојот здив ме облекуваш,
со рацете срцево ми го стегаш и пушташ,
небаре ритам на чукање му даваш.
Се плашам од тебе,
од она што го посакувам,
од желбите страв имам,
од вдишувањето на мирисот твој,
од сите допири со кои умирам и се раѓам,
небаре воскреснувам со секој загриз на телово.
Самотијата низ прсти ми ја ситниш,
ме оставаш без неа гола и кревка,
со боси нозе по стакло од искршени копнежи газам,
а ти крвта ми ја лижеш, со тој див сјај во очите дур ме гледаш,
небаре вино вкусуваш, тешко и опојно,
небаре можам да те напојам со себе.
Колку што во утробава те посакувам,
толку да избегам од тебе сакам,
на сигурно, во темнина да се скријам,
онаму каде што знам дека нема да ме бараш,
онаму каде што раните си ги лижам сама,
онаму каде што никој светлина не запалил.
И дур надвор полека умира денот,
а во душава чувствувам дека ноќта во мене се раѓа,
дур уште прстите на кожава ти спијат,
а во срцево ми се буди вител од немир и спокој,
дур ме болат неизречените зборови кои однатре лузни ми прават,
ја засадувам љубовта во себе, оваа чудна љубов која име нема.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска