Ана Бунтеска: Писмото на Македонија

Добивај вести на Viber

Ако семката ти ја сотрат

Бел ден името да не ти види

Ветар коските да ти ги однесе

Главата удолу да ја сведниш

Длабоко до гуша во кал да пропадниш

Ѓоамити некој сака жив да те закопа

Ех...чоек во чоека не останува тогаш

Животот бадијала ќе ти изврви

Затворен во зандана од поганлаци

Ѕуница никојпат окото да не ти здогледа

И во душата само празен екот кој боли

Јалово станува сонцето кога себе се немаш

Кога згазени надежите умираат

Лагите кога вистина стануваат

Љубовта кога од нељубов е зачната

Мака да тргаш оти кроток и арен си

На срцето несреќа да си ставаш

Њојно сечило да те пече

Од гркланот надолу за глас да немаш

Притиска неправдата која како обрач стега

Ровари во утробата неспокој

Страдни за глас кој ќе се вивне

Тишината за да ја скрши вековна

Ќумур да не ни се сторат поколенијата

Устата да не ни се зашие

Фенерите в куќи да не ни изгаснат

Храброста како руба да ја облечеме

Црвена и жолта за да светне иднината

Чоек да се сториш и чоек да се сторам

Џенем да не ни отиде гордоста

Широко нека биде небото над мојата земја


*њојно http://dijalekti.manu.edu.mk/pdf/Dijalektite_na_makedonskiot_jazik_1.pdf


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска