Ана Бунтеска: Ширум ги отворив портите
Ширум ги отворив портите
за да си ја проветрам душата
да не мириса на застоени мисли
ниту на гнилеж од премолчени зборови
од кои никој аир не виде
а најмалку оние за кои беа наменети.
Ширум ги отворив портите
за да ми излезат сите песни ненапишани
и оние во кои љубовта се споменува
а која останала само на хартија
чунки заробена како птица во кафез е
чии крила удираат од решетките.
Ширум ги отворив портите
за да влезе утрото со вкус на слобода
та го разграбав мирисот на дождот
како на распродажба да беше
алчно и без усул сите капки ги собрав
за одмивање на нечиста совест.
Ширум ги отворив портите
како стројници весели да ќе идат
со абер за зурли и тапани што носат
за алтани на руво бело да редам
и со срма да си ја порабам устата
како за првиот бакнеж, како за првата ноќ.
Ширум ги отворив портите
и од нив сите синџири в подрум ги спастрив
за да ми долета радоста
за да ми одлета тагата
демек толку малку требало за среќа
оти така во песните се вели.
Има ноќи во кои сонам како порти отворам
и како низ нив со крената глава излегувам
без да застанам
без ниту еднаш да се завртам
со спокој во срцето
дур не осамне, дур не се разбудам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска