Ана Бунтеска: Слобода и страв

Добивај вести на Viber

Ја соџвакавме слободата

Како парче тегаво тесто

Недопечено...полуживо

Од кое желудецот ни завива

И од кое ни се блуе

Од кое стомаците си ги држиме

И од кое устите ни засмрдеа на застоено

Ја соџвакавме слободата

Како неуки и млаки бездушници

Без да уживаме во вкусот нејзин

И во мирисот на нејзината убост

Набрзина и без ќеф ја изголтавме

Како да не сме ја заслужиле

Како подарена и без вредност

Ја соџвакавме слободата

После која ништо не ни остана

Ниту радост како за нов живот

Кога в куќи ќе се роди

Ниту тага како за одминат сон

Која боли како закоп на свој човек

Во кој губиме и дел од себе

Ја соџвакавме слободата

Која не ја ни препознавме

Во која не воскреснавме

Со која кон себе не зачекоривме

Без која не умееме

А со која да живееме не знаеме

Од пусти страв, од пусти страв

Ја испуштивме од раце слободата

Од тој пусти страв 

Во кој стуткани седиме

Во кој згрчени најлошото го чекаме

Без надеж

Без смисла во која ќе веруваме

Со идеали кои не вредат ич

Кои се мерат со неколку сребрени парички

За кои се продадовме

Во кои идолите ги затрупавме

Како никогаш да не сме ги имале

Ја запустивме слободата

Во страв ја удавивме

Од стравот кафези сторивме

И во нив слободата ја затворивме

Без ѕирка и проѕирка 

На темнина ја осудивме

Како човек да е

Како да ќе изгние

А без која полека умираме

Во страв

Со страв

А без слобода...без себе во слобода


За Женски Магазин, Ана Бунтеска