Ана Бунтеска: Туѓо да земиш, радост не носи

Добивај вести на Viber

По туѓото секојпат се граба

Тогаш кога чоек свое нема

Ниту име

Ниту свое презиме носи

Кога страден е за да поседува

Дали имот или оставштина од нечии предци

А пусто не го бива

За да создаде со свои раце и ум

Оти толку горнион му дал

Оти толку и во глата му сечи

Ех, не џабе се рекло оти туѓото послатко е

Оти труд не бара туку само раце алчни

И лице без образ чист

Душа во која белило нема

И орелски нокти кои бразди оставаат

По туѓото и кукавицата оди

Та ќе изнаграба јајца кои нејзини не се

И со нив ќе се перчи демек таа пиле ќе испили

Кое никојпат на неа нема да наликува

Чунки не ќе се види, не ќе се примети

Та има и луѓе кои ко кукавици се

Со гнезда празни и јалови во срцата

Кои знаат цигла по цигла да земаат 

Од туѓи дворови малтер да крадат

И така куќа да си изградат

Во која телата можат да им живеат

Ама нема нивни да бидат

Оти секоја тула своја приказна си шепоти

И своја историја си има

Та токми ја и мести ја

Ама нема твоја да биди

Оти проклет е домот кој дел од душата твоја не носи

И во кој нема смеа твоја

Нека е накитен и среден ко палата

Ама шупливо ќе е внатре

И провев ќе има од кој реума коските фаќаат

Проклет е домот во кој нема ништо твое

И кој е изѕидан на маката на некој друг

Од кој си земал

Од кој си украл

Од кој клетва само ќе си носиш

Оти туѓото никогаш радост не ќе ти донесии

За Женски Магазин, Ана Бунтеска