Ана Бунтеска: Уште одамна речено било

Добивај вести на Viber

Уште одамна речено било 

Дека човек по делата се памти

Оти се’ друго бледее и се губи 

Ко никојпат и да не постоело

Та дали некој убав или грд бил, сеедно

Времето и онака со сласт 

Ќе ги соџвака нашите лица

Ама она што зад себе ќе оставиш

По тоа се мери колку жив ќе бидеш

Дури и тогаш кога коските уморни

Во ковчег ќе ти спијат, да се наспијат

Уште одамна речено било

Многу, многу векови наназад 

Дека се’ ќе изврви и ќе помини

Азното од алчни раце ќе се изарчи 

Малтерот од куќата ќе се изрони

Свилата од облечи-слечи ќе се изреси 

Златото од пот и солзи ќе потемни 

Ама ќе остани да се памети

Дал со милост некого си гоштевал

Или со поганлак грло си му стиснал

Дал рака за спас си му пружил 

Или си го поттурнал уште троа удолу

Дал со збор-иљач си го излекувал

Или со јазик-сабја си го засекол

Речено било

И не само што речено било

Туку така навистина било

Дека убајте луѓе запаметени по дела биле

А грдите заборавани и неспомнувани ко чума

Ама ете сега чудни времиња дојдоа

Некои во кои се’ испревртено станало

И крајот не може никому и на ништо да се најде

Та царуваат грдите луѓа затскриени позади лик убав 

И нивните не-дела се слават

Чиниш којзнае што медовини сториле

А зад нив...многу далеку зад нив

Таму се луѓето чии души се како најубава градина

Со цвеќе без трње

Со трева без коров

Со небо без облак

Со спокој без тага

Со образ без кал

Со раце без туѓо земено

Со усти без клетви

Ама пусто време-невреме

Во кое никако се’ на свое место да си дојди

За питомите напред да одат

А дивите некако да се скротат

Та пак да биди ко што некогаш речено било

По делата душата да тежи

По делата душата да се памти


За Женски Магазин, Ана Бунтеска