Ана Бунтеска: Замисли како ќе беше да бевме уште тука
Замисли да се сретнеме
Сосем случајно и ко на филм
После сиве овие години
Патиштата да ни се вкрстат ко за инает
Ко оној од горе да решил да се забавува на наша сметка
А особено на моја
Та можам и да се опкладам дека
Ќе изгледам ко поплава да ме исфрлила
И ќе посакам да се скријам некаде
А Тој, ете Тој од горе слатко ќе се насмее
Ко да сака да ми каже
“кај ќе бегаш пиле со тоа косиштето црвено очи што боде”
Замисли само
Замисли како сето тоа би личело
По еден поглед да си фрлиме среде улица
Дали ќе се преправаме дека не сме се препознале
И еден со друг ќе се одминеме
Како никогаш иста постела да не сме делеле
Ниту пак како полудени да не сме се љубеле
Како најобични странци кои опул си фрлиле
За во истиот миг ликовите да си ги заборавиле
Или навистина ќе биде како во сцена од филм
И времето ќе застане
А некаде над нас ќе свири некоја неважна мелодија
Демек, нашата песна која не сме ја имале
Еве
Еве само замисли си како би било
Ако таа среќа или несреќа не’ задеси
Па повторно после цел еден век се сретнеме
Дали во тој миг мојата дланка во туѓа ќе е
Или твојата силно ќе стиска нечија друга
Или смеата меѓу нас
Ќе ја разбуди тишината меѓу вас
А можеби и твоето озарено лице
Мене ќе ме замолчи на среде збор
И секое утро си велам дека сигурно и овој ден ќе мине
Без на твојот пат се најдам
Или ти по мојата улица не ќе изврвиш
Секое утро, оти знаеш како велат старите
Дека утрото е поумно од вечерта
А мене ноќите уште на тебе ми мирисаат
И покрај смрдеата на градов
И покрај сите грижи кои ги имам
Ете мене уште ноќите за тебе ми се
Та префрли се од ваму-таму
Та земи пишувај и застани
Та остави пишувалото и легни си
Дур со нетрпение денот го чекам
За да ми го измие умов од мисли
Од оние кои ме мачат
Од стравот или желбата да те сретнам
Замисли само
Замисли како ќе беше да бевме уште тука
Еден до друг
Еден во друг
Можеби уште едно пиленце ќе се испилеше
И со детска смеа ќе се гостевме
А можеби и ѕрцките ќе си ги извадевме
Оти ниту ти, а и ниту јас
Цвеќиња за мирисање сме
Со табиети тешки ко планина
И со љубов брза ко река надојдена
Замисли
Замисли како пеколот и рајот во едно ќе ги споевме
И живот ќе имавме
А можеби и староста ќе ја дочекавме
Расправајќи се кој прв ќе умре
За да не мора без другиот да живее
Само замисли
Барем на миг
Еве овој миг
Како јас сега
Како јас тука
За Женски магазин, Ана Бунтеска