Ана Бунтеска: Застана времето

Добивај вести на Viber

Го застанав времето

Во мигот кога зачекорив накај тебе

Пред да почне невремето

А откако облаците се стушија

Врз нашите глави без мисли

Празни од шупливи ветувања

Полни со шеќерна волна

Од која само мачнина имаме

Го застанав времето

На пола пат меѓу тебе и себе

Како во вкочанета сцена од филм

Со едната нога на земја

А другата над правливиот пат

Кој зјаеше без патокази

Чунки веќе изоден бил

Чунки знаеме на каде сме кинисале

Го застанав времето

Ни ваму ни таму

Ниту во пекол, ниту во рај

Ниту на небо, ниту под плоча мермерна

Како да се двоумев заедно со стрелките

Дали наназад или нанапред да тргнам

Небаре поинаку ќе беше

Или барем крајот ќе не’ изненадеше

Го застанав времето

Како да ќе ја сочувам љубовта

Замрзната за да остане свежа

Стегната во пластично ќесе

За да не замириса на расипано

Оставена за некои подобри времиња

Да се подгрее на тивок оган

За совршена вечера за двајца

Застана времето

Само од себе, ете така му дојде

И сега подбив ни фаќа

Оти со него и ние застанавме

Збунети како во соба полна огледала

И се пулиме во нашите бројни одрази

Заборавајќи кое ни е вистинското лице

Дур не не’ фати бес

Та да искршиме се’ со голи раце

Барајќи го меѓу ситните стакленца

Вистинското време за нас


За Женски Магазин, Ана Бунтеска