„Доколку видите луѓе што се скршени во својата тага, оставете ги, нека оттагуваат“: Марија Лозаноска со апел како треба да се однесуваме на социјалните мрежи во Денови на жалост

Добивај вести на Viber

По трагичната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 луѓе, а 120 се повредени и сѐ уште се на лекување во Македонија е прогласена седумдневна жалост.

Ова се ситуации во кои треба да знеме како да се однесуваме на социјалните мрежи, што да споделуваме поради колективна тага и жал на нацијата и почит кон загинатите.

Професорката по македонски јазик и книжевност и лиценцирана лекторка по македонски јазик, Марија Лозаноска на нејзиниот инстаграм профил „Лекторката“ сподели едукативен прирачник.

„Во Македонија е прогласена седумдневна жалост поради трагедијата во Кочани, па како создавач на едукативен профил, би сакала да апелирам како треба да се однесуваме овие денови, посебно на социјалните мрежи. Скршени сме сите од болка и сметам дека ова е најмалку што можам да апелирам. Никого не сакам да напаѓам, но и сакам да поддржам во тага и болка.Да бидеме разумни за да не потонеме во колективна тага. Во овој момент медиумската писменост е многу важна“, напиша Марија.

Еве како треба да се однесуваме во вакви денови:

*Овие денови воздржете се од објавување забавна содржина како собиранка во ресторани или смешни објави.

*Дозволена е класична музика за време на вакви денови, но бидејќи настрадаа и музичари со авторска музика, во ред е да се објави таа за нивна почит.

*Внимавајте какви вести ширите, моментално јавноста е чувствителна. Проверете дали релевантните медиуми ја имаат потврдено веста и дури тогаш споделете. Во овој настан последниот збор за веста (настрадани и сл.) ја даваат моменталните претставници од Владата чиишто информации ги пренесуваат преку медиумите.

*Апсолутно немате обврска да споделувате и внимавајте колку споделувате. Доколку сметате дека за некоја вест е доволно споделено (сместување, барање исчезнати, донирање), не правете дополнителна гужва на социјалните мрежи затоа што веќе има премногу податоци коишто јавноста не може да ги прими.

*Во ред е да искажете сочувство на ваш начин и гледајте тоа да биде поконцизно затоа што тагата веќе е преголема за да гледаме уште поголема тага. Да оставиме простор за оние што се директно погодени, а ние да бидеме само наоколу знаејќи дека сме тука да помогнеме.

*Не напаѓајте на објави и коментари, воздржете се. Има премногу шпекулации и да не коментираме нешто што не знаеме. Сè уште трагедијата е во рана фаза за да се знае што и како било, ќе излезе сè на виделина, сега најпотребна е човечност и да останеме свесни. *Доколку видите луѓе што се скршени во својата тага, оставете ги, нека оттагуваат, нека викаат, нека им излезе. Протестите на младите поддржете ги, тие се најпогодени, гневни се и бунтовни, но насочете ги на правилно протестирање. Доволно е да ставите лајк, краток коментар за поддршка, споделување без продлабочување.