Една година без Ванчо: Специјален настан во чест на Петрушевски
Помина една година откако познатиот актер Ванчо Петрушевски почина од струен удар во неговата викендица во скопско Орешани. Петрушевски загина на 25 август минатата година,а веста со шок и неверување ја примија многу негови блиски колеги и пријатели.
Ванчо освен што беше еден од најдобрите наши актери и омилен меѓу народот беше и страствен риболовец. Во негова чест, за првпат кај нас ќе се организира Мини олимпијада во риболов со 5 спортски риболовни дисциплини. Ќе се одржува од 6-8 септември на езерото Козјак.
„Ванчо Петрушевски ни беше како Ален Делон во друштво. Девојките многу го сакаа. Ние останатите се влечевме по него, па така и ние по некоја девојка ќе фатевме“, ни изјави лани Гоце Тодоровски, блискиот пријател и колега на Петрушевски.
Беа неразделно дуо: Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски
Гоце емотивно се присети дека со Ванчо поминал 54 години. „Повеќе бев со него отколку со себе“, кажа Тодоровски на комеморацијата во Драмски театар минатата година, реченица која ги трогна присутните. Легендарниот актер вели дека со Ванчо бил другар од шесто одделение. Уште од тогаш, правеле детски претстави во училиште, на родителските средби.
„ Јас бев одлилен ученик, Ванчо послаб. Но, секогаш се вадеше на неговиот шарм и на снаодливост па и тој добиваше добри оценки“, ни раскажа Гоце. Тодоровски додаде дека поради Петрушевски и тој станал актер. „Ванчо ме натера да се запишам на Факултетот за драмски уметности, да не беше тој, ќе си бев градежен инжинер“, се присети Гоце.
Актерот Димче Мешковски пак, во интревју за Женски магазин изјави дека Ванчо бил насмевката во нивното актерско друштво.