Хари е вистински маж, цврсто стои до Меган: Македонските познати личности со поделени мислења околу случувањата во кралското семејство

Добивај вести на Viber

Целиот свет зборува за интервјуто на Меган Маркл и принцот Хари со Опра Винфри, кое како што објави американската ТВ мрежа Си-Би-Ес, досега го гледаа 50 милиони луѓе.

Во интервјуто, војвотката од Сасекс се расплака додека зборуваше како живеела со кралското семејство. Изјава која најмногу се коментираше беше онаа дека некои членови на семејството се плашеле колку ќе биде темна кожата на нејзиниот син Арчи, со оглед на нејзиното мешано расно потекло.

Македонските јавни личности имаат различни мислења за драмата која во моментов се случува во кралското семејство по интервјуто со Опра. 

Пејачката, водителка, и писателка Сузана Турунџиева која е наставник по музичко во основно училиште вели дека ваквите случувања не ѝ се многу интересни. 


-Искрено, такви "скандали" сè помалку ми предизвикуваат интерес и сигурна сум дека сè за што проговориле или "признале" Меган и Хари во шоуто на Опра било однапред договорено и испланирано. Така да не знам зошто јавноста толку се возбудува и се занимава со нив. Човештвото има многу позначајни и поприоритетни теми за кои треба да биде загрижено отколку за тоа што ѝ признале Меган и Хари на Опра“, ни изјави Турунџиева.


Водителот Ване Маркоски пак вели дека отсекогаш се интересирал за животот во Бакингемската палата. 

-Отсекогаш ми бил интересен животот на краското семејство. Хари според мене е само едно олицетворение на тоа што беше неговата мајка. Од една страна супер е идејата за слобода и мирен живот, верувам дека тука победи љубовта и желбата да се живее според свои правила, но од друга страна, ако веќе сакаш да живееш мирен живот, што ти требаше едно вакво интервју, како ова последново? Не би сакал да дебатирам за тоа што таму се зборува. За мене секогаш секоја приказна има две страни, а и приказните на принцезата Дајана говорат дека во кралското семејство не е сѐ розово како што ние обичните луѓе мислиме, но кога веќе одлучуваш да избегаш од сите тие проблеми, тогаш зошто ова? Ако сакаш пак да ги менуваш работите, тогаш тоа најдобро се прави од внатре“, смета Маркоски.


Свое мислење ни испрати и актерката Јана Стојановска:

-Мислам дека приказната има две страни и дека се просто две различни вистини во прашање. Едната е дека денешните кинолози внимаваат на крвта на своите кучиња и се грижат за една раса да опстои и да се развива кон совршенство а не пак англиското кралско семејство. Тоа постои насекаде меѓу нас со поставување на прашањето “Од кај си - што си? “,  кога некој маж ќе донесе дома жена или обратно. Принцезата Дајана ми е една од омилените ликови на сите времиња а после неа и Хари кој го сметам за фантастичен примерок на човечкиот род . Тој излезе дека е пример за вистински маж кој застана до својата избраничка и цврсто стои до неа - нешто со што не можат да се пофалат многу мажи со далеку понизок статус од неговиот. Тој изговори нешто многу - за мене – интересно. Рече за брат му и татко му “тие се заробени” и јас го разбирам тоа , заробени се во застарената идеја за морал и достоинство, таму каде што работи мозокот а не срцето”. 

Сепак , што сме ние ако го заборавиме срцето освен робови - робови на тоа што семејството мисли дека треба, што општеството мисли дека не треба , што другарите ќе помислат и така натаму до недоглед. Тоа е страв а стравот е обратно од љубов, слобода... Стравот е тој што нè држи во кафез, Хари е слободен млад маж кој живее точно биолошки по мене - заедно со жената што ја одбрал и подалеку од влијанија кои можат да ѝ наштетат неа и на неговиот син. Сè друго е небитно“, вели актерката.

Љубовта на Хари и на Меган е она што е најважно во оваа приказна, според ТВ презентерката Бубе Јаневска- Ивановска.


-Не сум многу запознаена со британското кралско семејство, но знам често да потчитнам различни статии за случувањата таму. По смртта на Лејди Ди, морам да признаам дека кралското семејство ги загуби моите симпатии, пред сè поради сите сомнежи околу сообраќајната несреќа и нејзината смрт, како и обидите таа да биде претставена како некој што не е соодветен за титулата што ја носи. Иако, во сето тоа, Кралството делуваше како наивно дете, дека нема врска со ништо, верувам дека добро менаџираа со јавноста и медиумите. Не сум експерт, пак, ќе кажам околу кралското семејство и нивните семејни односи, но ќе споделам како јас ги доживувам нештата што се случуваат таму. Принцот Хари можеби го направи потегот што неговата мајка, за жал, не успеа. Искрено, Хари отсекогаш ги имал сите мои симпатии затоа што за мене тој од млади години изгледаше бунтовно, како нетипичен член на кралското семејство. Знам дека го поврзуваа со многу скандали, но верувам дека со самото тоа што ја загубил својата мајка додека бил мал, знаејќи дека нема да стигне никогаш на престолот и тајните што ги крие кралскиот дворец, дека силно влијаеле врз него. Искрено, не бев изненадена од потегот да го напушти кралството. Ќе бев изненадена ако останеше таму. И верувам дека е вистина сето она што Меган и Хари го раскажаа во интервјуто. Ќе ги поддржам затоа што ништо не е поважно од нивната љубов и среќа. Ниту една титула нема да им донесе мир и хармонија како одлуката што ја донесоа. Ако во кралството се чувствуваат како да се во окови, ако нема разбирање за бојата на кожата, ако нема поддршка, тогаш и не треба да бидат таму. Читам, многу забележуваат на изјавата на Меган дека не гуглала за да дознае како да се однесува откако ќе се омажи за принцот. Па, јас мислев дека тоа е работа на протоколот во Кралството, да ја научи на однесувањето во јавноста, држењето на телото, седењето, однесувањето пред Кралицата и сл. Реакции имаше и за наводното глумење на Меган при одговарањето на прашањата. Можеби има актерски способности, не велам не, но, верувам дека како мајка сакала да го заштити своето чедо. Ако за бебето не следувало заштита, ако се плашеле за бојата на кожата на нероденото бебе и слично, тоа веќе не е соодветно, ниту здраво место за растење на детото. И секоја мајка би постапила слично. Меган и Хари си ја кажаа својата страна, а не очекувам дека Кралството ќе реагира, во брзо време, па и воопшто. Ако некому му е убаво, ако чувствува топлина и љубов, никогаш не би го напуштил домот, без оглед дали е кралски дворец или колиба. Тие за свој дом ги одбраа мирот и хармонијата. Без титули. Само тие двајца, синот и бебето што доаѓа. Победи љубовта“, вели Бубе Јаневска.

Водителот и пиар менаџер во „Идеа лаб“ Димитар Атанасовски на интересен начин го нарекува кралското- Опра случување. За него, тоа е слично на турска серија. 


- Целата приказна со Хари и Меган ми изгледа дека е пренапумпана. Иако, како викаат: каде што има чад има и оган, ова мислам на кралското семејство, кое отсекогаш го поврзувале со најразлични скандали и контроверзии. Но, ситуацијата со Меган ја пратам уште од моментот кога беа поканети папараци на нивната свадба и караниците со татко ѝ, и мислам дека она што се случува во семејството, таа си го искористи за сопствена слава, профит или што и да е. Последното гостување кај Опра (која ништо не прави во своите емисии за џабе и тоа може да го потврдат многу кои ја следат од самиот почеток) само го потврди ова. И случајноста во истиот ден по објавата на интервјуто, жена му на Бајден се слика во истиот фустан, наводно со поддршка за парот кој си отиде од Бакингемската палата, за да живее на имот од 4 милиони долари во САД, ми е некако преочигледно. Не знам како ќе се развива оваа британско/канадска серија со турско сценарио, ама мене ми е преку глава од светов во кои силувачите глумат дека се силувани“, ни изјави Димитар. 


М.Џаровска

Фото: Приватна архива