Имав тешко породување, со големи болки: Нина Јанева за ќерката Арија

Последниве две недели, пејачката Нина Јанева-Николовски и нејзиниот сопруг Александар ги живеат најсреќните мигови. Нина и Александар, кои се венчаа минатото лето, на 19 септември ја добија ќерката Арија. Името, вели среќната мајка е музикалната верзија која победила помеѓу два избора.

„ Името ѝ го избравме двајцата иако се двоумевме помеѓу верзијата Арја и Арија. Сепак музикалната верзија победи. Презимето го носи во оригиналната верзија на татко ѝ, по негова желба или Николовски“, ни изјави пејачката која важи за еден од домашните најквалитетни женски вокали. Нина искрено раскажува дека породувањето воопшто не  ѝ било лесно. 

„ Имав прилично тешко породување и првиот момент кога ми ја дадоа си помислив: Иста е како татко ѝ. Бев во големи болки, но за кратко тоа се среди. После три часа ми ја донесоа во апартманот каде што ја чекавме со Александар, мајка ми и сестра ми. Е тогаш вистинските емоции си ја превзедоа улогата. Се расплакав кога сфатив дека е моја, дека е моето најголемо достигнување во животот. Со мене беше околу еден час и потоа ја зедоа. До следното утро едвај чекав да ми ја донесат пак“, сподели Нина за првите мигови со ќерката. 

Јанева вели дека нејзината мајка, сестра ѝ и сверквата ѝ се најголема помош во моментите кога Александар е на работа. „Инаку, без него мислам дека нема да можам ништо да направам“, додава Нина. 

Инаку бројот 19 е дефинитивно посебен за ова тричлено семејство. Арија се роди на 19.09.2019, Нина на 19.06.1986, а сопругот Алекандар на 19.08.1986, додека пак се венчале на 19.10.2018 година.

„ Кога ќе порасне ѝ посакувам само здравје, бидејќи сите други желби ќе ја учиме како да си ги остварува во текот на животот. Морам да изразам огромна благодарност до тимот на Д-р. Адела Стефанија и директирката на Гинеколошко Акушерска Клиника за сѐ што направија за време на целата бременост за мене и за Арија. Третманот спрема сите трудници и родилки кој го доживеав и го гледав навистина ги премина сите професионални очекувања. Тие луѓе треба да земаат највисоки плати во оваа држава. Бог нека им дари се што ќе посакаат!“, ни раскажа пејачката која ексклузивно за Женски магазин сподели фотографии од првите часови откако ја роди ќерката.

Милица Џаровска